Сите претседатели на судот во Велес
По ослободувањето и формирањето на Федеративна Народна Република Југославија, како и создавањето на Народна Република Македонија во 1945 година , веднаш по Првото заседание на АСНОМ, донесена е одлука за формирање и почнување со работа на голем број институции. Меѓу нив се и судовите. Според податоците на Државниот архив на Република Македонија, тогаш во Велес биле формирани Околиски, Окружен и Општински суд. Еден бил сместен во куќа во близина на денешниот објект на Повардарска Епрахија додека преостанатите два работеле во простории на тогашната општина.
Околиски народен суд во Велес бил формиран на 1 јули 1945 година. Прв негов претседател бил Борис Нојков, роден 1916 година во Велес, со завршен Правен факултет во Софија. Нојков бил судија и Претседател во судот во период од 1945-1946 година, потоа работел како судија во судот во Штип и бил судија на Врховниот суд НРМ. Починал во 1988 година.
Во мандатниот период 1946 – 1948 година претседател на овој суд бил Панче Медаров, роден 1915 година во Велес, со завршен Правен факултет во Белград . Бил Претседател во Околиски суд Титов Велес во периодот 1946-1948 година. Медаров починал во 1964 година.
Во 1948 година и до крајот на 1949 година со Околискиот суд раководел Лазар Стојанов Петров. Претседателот Стојанов Петров бил роден 1916 година во Велес. Завршил Правен факултет во Скопје во 1956 година. Работел како судија во Окружен суд Титов Велес и Околиски суд Титов Велес. Починал во 1982 година.
Во наредниот едногодишен мандат за претседател бил именуван Никола Богданов, роден 1908 година во Велес. Тој завршил Правен факултет во Скопје. Бил судија во Окружен суд Титов Велес а бил Претседател на Околиски суд Титов Велес во период од 1950-1951 година. Починал во 1968 година.
Негов наследник бил Јордан Алчевски по кого за претседател бил именуван и Љубомир Босилков. Тој ја извршувал оваа функција се до 1955 година. Босилков бил роден во Велес во 1919 година. Дипломирал на Правен факултет во Белград во 1953 година. Бил судија во Околиски суд Титов Велес и претседател на Околиски суд во период од 1951 -1955 година а потоа и судија на Врховниот суд до 1955 година, кога се пензионирал. Починал во 2001 година.
Во периодот 1955 / 56 година претседател на Околиски суд бил Андреја Весов ,роден во 1915 година во Велес. Завршил Правен факултет во Белград. Претходно, Весов бил претседател на Основен суд Свети Николе и судија во Основен суд Кочани. По завршување на функцијата во Околиски суд во Велес бил судија во Окружен суд во Велес се до пензионирањето. Починал во 2004 година.
Во Подрачното одделение на Архивот,недостасува информација кој бил претседателот на овој суд во Велес, во 1957 година.
Истражувајќи го периодот потоа, во оваа државна институција, архивирани се податоците според кои функцијата претседател на Околиски народен суд во 1958/59 година ја извршува Димитар Солев, роден во 1927 година во Велес, дипломиран правник на факултетот во Скопје во 1954 година.
Тој во 1957 година работел како судија во Околиски суд Велес. Потоа во 1960 година бил избран за судија на Окружен суд Велес и бил Претседател на Окружен суд Велес во период од 1964-1966 година додека во период од 1966 -1974 година бил Претседател на Општинскиот суд Титов Велес, по што бил избран за судија на Врховен суд на Социјалистичка Република Македонија. Димитар Солев во 1982 година бил избран за Претседател на Врховниот суд на Социјалистичка Република Македонија и оваа функција ја обавувал до пензионирањето во 1988 година. Починал во 2014 година.
Во 1960/61година за претседател на судот во Велес бил назначен Јован Н. Богданов.
Во мандатниот период 1964/ 66 година со оваа институција раководел Ордан Б. Tанев, роден во 1930 година во Велес кој прво студирал на Правниот факултет во Загреб а завршил во Скопје во 1956 година. Во 1958 година бил вработен како судија за прекршоци во населба Градско, потоа како истражен судија на судот во Титов Велес и во 1964 година бил избран за Претседател на судот во Титов Велес во кој ја обавувал функцијата 1966 година. Починал во 2006 година.
За негов наследник бил именуван Димитар Солев кој функцијата претседател ја извршувал во периодот од 1966 до 1974 година.
На крајот од 1975, Солев го наследил, Љубомир Бојаџиев, роден во 1925 година во Велес. Тој се запишал на Правниот факултет во Скопје како прв студент на факултетот со индекс број 1. Дипломирал во 1955 година. Работел како судија од 1955 година и бил Претседател на Општински суд Титов Велес во период од 1974-1975 година.Починал во 1990 година.
Архивот нема податоци кој бил претседател во 1976 година додека во наредниот седум годишен мандат евидентиран како претседател, со втор мандат, е Јован Н. Богданов, роден 1928 година во Велес и дипломец на Правен факултет во Белград. Работел како судија во Општински и Окружен суд Титов Велес, а бил Претседател на Околиски суд Титов Велес во период од 1960-1961 година и Претседател на Општински суд во Титов Велес во период од 1974-1984 година. Во својот работен век работел и како Јавен правобранител во Јавното Правобранителство во Велес.Починал во 1996 година.
По Богданов за претседател е именуван судијата Никифор Ивчев кој функцијата ја обавувал една година во периодот 1984/86 година. Ивчев е роден 1946 година во Скопје каде и го завршува правниот факултет. Бил избран за судија во судот во Титов Велес во 1973 година .Именуван за Претседател на Општинскиот суд Титов Велес бил во 1984 година и функцијата ја извршувал до 1986 година додека од 1996 година до пензионирање работи како судија во Основен суд Велес.
Од 1986 до 1990 година претседател на судот е Благој Нечев, роден во 1945 година во Велес со завршен Правен факултет во Скопје. Работниот век го започнал во судот како приправник и во 1970 година бил избран за судија и работел до 1976 година. Тој по втор пат во 1986 година е назначен за претседател на судот и на функцијата останал до 2000 година. Потоа бил истражен судија се до пензионирањето во 2009 година. Нечев починал во 2010 година.
Негов наследник, веќе во самостојна и независна Република Македонија, Јордан Лазаров, роден 1950 година во село Еловец. Завршил Правен факултет во Скопје во 1976 година, за судија на Општински суд Титов Велес бил избран 1984 година додека за претседател на Основен суд Велес бил именуван во два мандати и тоа од 2001 до 2005 година и од 2010 до 2014 година, кога се пензионирал.
Лазаров го наследи судијата Шефшет Адеми. Тој е роден во 1963 година во Горно Јаболчиште. Завршил Правен факултет во Скопје во 1986 година и за судија на Основен суд Велес бил избран во 1996 година, а од 2006 до 2010 година бја извршувал функцијата претседател на судот. Адеми и сега работи како судија во одделот за кривично право.
Во 2015 година за претседател на судот е избран Александар Шопов, роден 1980 година во Велес и дипломец на Правниот факултет „Јустинијан I“ во Скопје во 2002 година како и магистрант на Универзитет Американ Колеџ во Скопје во 2018 година. Шопов завршил Академија за судии и јавни обвинители во Скопје, како дел од втората генерација, во академската 2008/2009 година. Тој бил избран за судија на Основен суд Велес во 2010 година, а пет години подоцна е избран за претседател на судот.
Во Велес во 1946 година бил формиран Окружен народен суд кој функционирал во наредните две децении. Прв негов претседател бил К.Х.Костов. Според документите на Архивот во 1963 претседател на овој суд бил и Сотир Делидинков. Окружниот суд е укинат во 1966 година.
Во изминатиот 74 годишен период, судот во Велес ја менувал својата надлежност. Во различен период постоеле Околиски суд, Окружен суд и Општински суд. Со последната организација на судството од 2006 година, до денес, судот во Велес е Основен суд со проширена надлежност за подрачјето на целото Повардарие. Поаѓајќи од овие историски факти, а со желба да се афирмира улогата на судот во Велес како значајна алка на македонскиот правосуден систем, во соработка со подрачното одделение на државниот Архив и претседателот на Основен суд Велес, Александар Шопов објавуваме документирани податоци за сите поранешни претседатели на судот во Велес.
Фотографиите на досегашните претседатели на судот во Велес се изложени во Салата за состаноци како траен спомен за идните генерации и како историски белег за развојот и континуитетот на оваа судска институција . Овие документи докажуваат дека постои традиција, по која Велес бил и сеуште е препознатлив, меѓу правниот еснаф во Македонија.
Стоилко Андреевски.