Велешките гимназијалци, Панова и Инѓилизов, стипендисти на Фондација Анѓушев
Mладите велешани, Викторија Панова и Марко Инѓилизов, кои го освоија второто место на финалето на Европскиот квиз на пари во Брисел, Белгија, добија стипендии до крајот на нивното школување од Фондацијата Анѓушев, основана од вицепремиерот проф. д-р Кочо Анѓушев кој честитајќи им го успехот им посака да ги прошират своите амбиции за постигнување нови знаења и успеси.
„Викторија и Марко направија импресивен успех, во конкуренција во 100.000 деца од цела Европа и тоа е успех што треба да се награди, интелект и знаење што треба да се негува и поттикнува. Тие се едуцирале со своите професори но и самите, покажаа самоиницијативност, научиле многу сериозни работи. За нивната возраст, знаењето што го поседуваат во сериозни теми, е навистина реткост и говори дека тоа е нивен интерес и избор. Сакам лично да ги поддржам и да им порачам дека тоа е начинот да се успее, да се биде иницијативен и да се учи повеќе. Затоа Фондацијата Анѓушев, им доделува стипендија, да биде поттик и мотивација за понатамошна нивна едукација. Да се охрабрат и понатаму да вложуваат во себе и да бидат пример за сите нивни врсници“, рече Анѓушев.
Велешките Гимназијалците, двајцата ученици во прва година, го освоија второто место на финалето на Европскиот квиз на парите во конкуренција на финалисти од дваесет и осум европски земји. Претходно, Викторија Панова и Марко Инѓилизов, беа државни победници на овој натпревар организиран од Македонската банкарска асоцијација во соработка со Народната банка, Комисијата за хартии од вредност и Министерството за образование и наука во конкуренција на околу 300 нивни врсници од вкупно 3000 кои беа тестирани во училиштата во државата.
-Сакам да се заблагодарам на овој гест на вицепремиерот кој дојде лично да ни честита, што говори за етичното созревање на нашето општество и ќе нè радува ако и понатаму има вакви средби, а ние ќе продолжиме да учиме. Оваа награда за нас е голема и значајна, меѓутоа за мене многу повеќе ми значи неговата лична поддршка и поддршката од целокупното општество“, рече Марко Инѓилизов.
-Многу ми е мило што министерот лично нè поддржуваат и ни даваат поттик да останеме тука, да го покажеме нашето знаење и со тоа да придонесеме за државата, рече Викторија Панова.
Во име на СОУ Гимназија Кочо Рацин од Велес на Анѓушев му се заблагодарија директорот Алексоски и менторот професор Стојановски.
-Голема благодарност до вицепремиерот за оваа награда за учениците и очекувам и во иднина не само од нашето училиште туку и насекаде, секој што може да ги поддржува ваквите талентирани ученици, затоа што нив им е потребен само еден дополнителен мотив за да станат дел од современа Европа, рече професорот Марјан Стојановски, ментор на Викторија и Марко.
– Како гимназија почестени сме со успехот на нашите ученици и очекуваме и други ученици да го следат нивниот пример и во следните период да имаме и други вакви успеси. Затоа ја поздравуваме иницијативата на вицепремиерот за дадената поддршка за нашите ученици, што истовремено значи поттик за нив, но и мотив за сите останати, рече Гоце Алексоски, директор на гимназијата „Кочо Рацин” од Велес.
На Европскиот квиз учествуваа над 100.000 ученици на возраст од тринаесет до петнаесет години.