Велешанецот Борис Манев, легендата на доброволното младинско ангажирање
Борис Манев го познавам поодамна, но по еден наш разговор почувствував потреба да го напишам текстов и на младите велешани да им го претставам човекот кој несомнено има голем придонес во изградбата на својата земја и денеска е пример за совесен граѓанин и да ги поттикнува граѓаните за општествено ангажирање.
Борис Манев, од татко Стојан, е роден на 22 мај 1941 година на Бузаана, помеѓу Којник и Мегдан, легендарните велешки маала. Основно училиште завршил во ,,Св Кирил и Методиј″, па се запишал во Економското училиште ,,Јовче Тесличков″ кое го завршил како прва генерација во 1956 година. Во Белград, во 1962 година, дипломирал на Вишата статистичка школа.
– Уште во Економското училиште, кое најпрво работеше како дел од Велешката Гимназија, во 1956 година Пере Алчев не воведе во Марксистичкиот кружок каде се запознавме со основите на младинското ангажирање и потребата на нашата земја од нашите воннаставни активности. Доброволното младинско ангажирање започна со нашата акција на потегот ,,Стрелиште″ над Спомен Костурницата. Секое средно училиште имаше работен ангажмани. Во 1957/8 година, кога бев трета година, се формира Средношколска бригада чија прва задача беше да прави ископ на канали за пошумување на голините над сегашното езеро ,,Младост″. Ние ископувавме канал, а потоа по нас стручни лица вршеа садење на борови садници, внимателно мерејќи го растојанието меѓу нив со канап, ″ рече Боре присетувајќи се за времето за кое разговаравме.
– Јас бев, онака висок, избран за Командант на Средношколската бригада ,,Кочо Рацин″во 1958 година. Директорот Љубе Јанев – Шандупот за прв пат проговори за доброволното младинско ангажирање. Бевме 120 бригадири и прво започнавме со пошумување на голините околу Велес, ″ додаде Манев.
Средношколската Титовелешка бригада ,,Кочо Рацин ″ заминува на својата прва поголема работна акција на автопатот ,,Братство и единство″ во Ниш, на 29 јули 1959 година.
– Бригадата беше построена на 01 јули 1959 година во Младинскиот дом во Велес, а Димитар Ѓошев – Гутот одржа говор за тоа какви се понатамошните задачи на бригадата. За Ниш заминавме со воз. Од Велес до Скопје патувавме со вагони на ,,Свиларата″, со дрвени клупи место седишта. Со нас освен велешани, имаше и средношколци од Кавадарци, Неготино, Валандово и Гевгелија. Имаше и постари, како Глишо Мицајков кој веќе беше студент на Електро факултетот, подоцна и директор на Хидроцентралата ,,Тиквеш″ во Возарци.
Во Ниш бевме сместени во бригадирската населба ,,Јосип Дебељак″ во населбата Чичевац. Бевме седум – осум бригади. Покрај нас беше и Кумановската бригада, Краљевачката, Студенската словенска бригада, со која беше и велешанецот Начо Жаров. Работевме на ископ и правење насип за автопатот ,,Братство и единство″. Ни помагаше и локалното население со своите запреги од коњи и двоколки , наречени ,,корди″ , со кои ископаната земја се пренесуваше и се правеше насип за автопатот.
Главен трасер беше некој Стево, многу задоволен од нашата работа и не бодреше постојано.
Во Штабот на бригадата беа и Пере Алчев, д-р Симеон Јанев, па Орце Ванов беше ,,санитет″. Командир на третата чета беше Ѓоре Самараков, а бригадири беа Баже Страчков, Ѓоше Ѓошев, Михе Страчков, Сотир Сиваков, Ацо Атанасов – Смок кој свиреше гитара, Благој Питиќ, Симо Смилев, Драган Тренчев, Панде Костов и други.
Од девојките во бригадата учествуваа Вера Костова,подоцна сопруга на Благој Кошулчев, Вера Перчинкова и Марика Алаџајкова, кои добро играа ракомет. Освен со работа на трасата се натпреварувавме и во спорт, во музика и во други активности.
Бригадата ,,ТИТО″ беше составена од младинци од сите градови кои го носеа името на Тито – Титов Велес, Титово Ужице, Титоград, Титов Дрвар, Титова Кореница, Титова Митровица и Титово Велење. За прв пат е формирана во 1969 година на МРА ,,Нови Београд″. Формирана беше на 2-3 јули 1969 година во салата на ,,Народно позориште″ во Титово Ужице. Бригадата беше создадена како потреба за соработка и меѓусебно запознавање на младите од сите републики и Данило Бурдан , новинар од Подгорица, предавајќи го знамето на бригадата кусо рече : ,,Тражимо резултате – Бараме резултати! ″.
Знамето го предал во рацете на првиот командант на бригадата Боре Манев од Титов Велес, а првото „огнено крштевање″ бригадата го имала на 9 август 1959 година на МРА ,,Нови Београд″.
– Ова бригада учествуваше и на работна акција на Тетовското кале, а во 1970 г . во Белград учествуваше по раководство на Романовиќ Слободан, командант и велешанецот Ѓоре Масинов , како секретар на бригадата, ″ се присети Манев.
Овој бригадир ветеран ми ги покажа неговите дипломи и ударнички значки, кои ги заслужил со вредна и пожртвувана работа.
-Тоа беше време кога работевме, не се штедевме ниту ние, ниту оние околу нас. Се работеше вредно, резултатите беа видливи, а натпреварувањето меѓу бригадирите и бригадите беше големо и позитивно делуваше на моралот. Се дружевме, спортувавме, свиревме и пеевме. Се родија пријателства, а и понекоја љубов, кои останаа за цел живот. Тоа беше време на полет и знаевме за што работиме – ја градевме нашата земја! рече на крајот од разговорот Манев.
Љупчо Данов