Владата ќе го финансира ревитализирањето на шумскиот појас на „Езеро Младост“
Ова што го гледам денеска покажува дека мора многу повеќе да работиме во периодот кој што ни претстои. Ќе го обновиме заедно шумскиот појас околу Езеро Младост и секаде каде што пламените јазици оставија пустош ќе никнат нови дрва, ќе расте нов живот ќе живее младоста во Велес, рече Претседателот на Владата, Зоран Заев, по посетата на Противпожарната територијална единица во Велес и обиколката на опожарената површина на „Езеро Младост“.
– Тоа е обврска на сите нас, пред се на граѓаните, општината, институциите,владата, Парламентот. Ревитализацијата наместо децении ќе ја претвориме во години. Општината,владата, ЈП „Национални шуми“ ќе спроведат брз и координиран план за масовно вонредно пошумување, со максимален број и видови на садници и оваа територија ќе ја има повторно функцијата на шума со сите еколошки предности неопходни за здрава еколошка средина каде велешани, скопјани и сите граѓани од државата ќе имаат можност да доаѓаат на своето омилено излетничко место. Во буџетот , чиј ребаланс се подготвува, ќе предвидиме конкретни средства за да ги финансираме садниците на „Национални шуми“, рече премиерот Заев.
Акцијата со расчистувањето на теренот ќе треба да започне веднаш за да се стигне со првото засадување на садниците есенва, на крајот на октомври и почетокот на ноември, годинава на Езеро Младост. За да му се вратат белите дробови на Велес потребно е да се вклучат и граѓаните. Граѓанскиот ангажман ќе биде клучен во подигнувањето на новите садници со шума на езерскиот брег. Според раководителката на ШС „Бабуна“ Велес, Љубинка Попова новите садници ќе треба да бидат од лисјасти видови на стебла кои се отпорни на пожари.
– Освен лисјасти ќе се засадат и други видови на иглолисни дрвја како што е медитеранскиот чеплес затоа што е брзорастечки, брзо добива зелена маса, како и декоративни туи одгледани во расадниците на ЈП „Нацонални шуми“. Тие пет години раснат во расадник и со засадувањето веднаш се добива зелена маса. Ќе продолжиме со озеленувањето на езерскиот брег кој за две до три години ќе треба да биде покриена целата површина од 400 хектари колку што всушност е и опожарена, рече Попова.
Според неа посочените видови на стебла се најбрзо растечки и најбрзо даваат резултат кога е во прашање озеленувањето на голини каков што ќе биде просторот на левиот брег на велешко езеро по сечењето на сосема изгорените стебла на црн бор кои настрадаа во пожарот од пред два дена. /У.Ј