Професор Кичуков: Просветните работници во Македонија заостануваат од 50 до 100 евра зад колегите во регионот
Учениците кои денеска дојдоа на настава во средното училиште „Јовче Тесличков“ беа прифатени од класните раководители и однесени во училниците. Тие, на првиот ден од новата школска година им ја објаснија состојбата со штрајкот на просветните работници и потоа се вратија во наставничката канцеларија за да го одржат еднодневниот штрајк организиран од СОНК. Директорката на ова средно стручно училиште во Велес вели дека нејзините колеги денеска беа на работните места.
– И класните раководители од паралелките во прва година ги примија своите ученици. Најголем дел од учениците денеска беа во училиштето. Сите професори се на своите работни места, можете слободно да проверите, рече директорката Оливера Коцевска.
Немаме притисоци штрајкот се одвива според насоките на СОНК, вели професор Димитар Кичуков. Тој освен што е претседател на основната синдикална организација во економското училиште и е секретар на општинскиот синдикален огранок во Велес како и член на Советот на СОНК. Според Кичуков платите на вработените во просвета се многу ниски и го неатрактивни за нивните штотуку завршени колеги кои наместо во образование се почесто работа бараат во бизнис секторот.
– Платата на наставник во основно училште изнесува 21.600 а во средно 22.500 денари додека просечната плата во државата изнесува 25.200 денари. Наставниците заостануваат со платите за околу 15 проценти зад просечната плата што досега, во изминатите години не беше случено. Ние бараме преговори за проекциите во државниот буџет и да се превземе нешто затоа што веќе има дефицит на професори по физика и по математика. Трудот што ќе го вложат за да ги завршат овие образовни профили не им е исплатлив туку се запишуваат на информатика или програмирање затоа што тие ќе се вработат во фирми во кои ќе земат двојно или тројно повисока плата, рече Димитар Кичуков.
Тој додаде дека образованието е носечки столб во општеството и државата мора да поведе поголема грижа. Кичуков направи споредба со вреднувањето на трудот на просветните работници во соседството и констатираше дека македонските наставници заостануваат со платите зад колегите во регионот од 50 до 100 евра./У.Ј