Др Ненад Коциќ: „Општината сака да работат сите фабрики но не по ризик на здравјето на работниците и на Велешани“
Претседателот на Советот на Општина Велес, Ненад Коциќ, веќе побарал Извештај од надлежниот инспекторат за преземаните активности, за спречување на загадување на амбиенталниот воздух во градот. Извештајот е ставен на дневниот ред на 42 седница и по него утре, вторник 8 октомври ќе расправаат членовите на Советот на Општина Велес. На седницата се очекува со присуство да одговорат и преставници на фирмите „ТехноПавер“ и на фабриката за масло „Благој Ѓорев“.
– На седницата се поканети писмено, дозволете и јавно да ги поканам преставниците на фирмите „ТехноПавер“ и за производство на масло за јадење „Благој Ѓорев“, со цел да се запознаат со констатираните резултати од надлежните инспекторати. Поради тоа што „ТехноПавер“ не е под ингеренција на општина Велес, побаравме информација од државниот Инспекторат. Да бидеме јасни, нашиот став е дека фабриките треба да работат и да заработуваат, но не смеат да загадуваат. Односно загадувањето на воздух, водата и почвата да биде под максимално дозволените концентрации. Енормото загадување на воздухот и нарушувањето на здрајето на граѓаните е недозволиво и Советот на општина Велес, врз основа на нформациите од надлежниот Инспекторат ќе донесе заклучоци кои се насочени кон подобрување на квалитетот на амбиенталниот водух, почитување на законот и правото на Велешани да живеат во здрава животна средина, додаде Коциќ.
Повторувајќи дека општината посакува да работат сите фабрики во Велес, тој, нагласи дека условено не смее да биде ни здравјето на вработените во фабриките ниту на граѓаните.
Коциќ, на денешната прес конференција, го потенцираше почетокот на дислокација на згурата од големиот црн рид позади поранешната топилница за олово и цинк во Велес на што цели 16 години чекаа граѓаните.
– По 16 години од затворањето на Топилницата и бројни неостварни ветувања, конечно се решава еден огромен еколошки проблем на Велес. На крајно транспарентен начин почитувајќи ги позитивните законски прописи, како и рокови предведени за започнување на една ваква еколошка активност, започна дислокацијата на најголемиот континуиран загадувач на воздухот во Велес. Целата постапка и важноста на дислокацијата на згурата од еколошки аспект, укажува дека сме на прав пат за решавање на историското загадување кое е резултат на работата на некогашната Топилница за олово и цинк, додаде Коциќ.
Од останатите точки што утре ќе се најдат на дневниот ред на 42 седница на Советот на општината, неговиот претседател, издвои уште две поточно разгледувањето на цената на такси превозот и цената на спортките објекти во градот./У.Ј