Шумски полицајци од Велес се жалат на преместувања во градови оддалечени над 50 км а министерот Димковски вели до 50 км поради неконтролираната сеча и кражбите на дрва
Како дел од група од осумдесет шумски полицајци во државата и вработени во Шумската полициска станица во Велес добиле решенија за преместувања на работни места во градови кои биле одалечени и над 50 километри, соопшти денеска генералниот секретар на Независниот полициски синдикат Орце Коцевски.
.- Со тоа директно е удрен нивниот домашен буџет и на таквите мизерни плати од 16.000 денари кои ги земаат месечно и патувајќи повеќе од 50 километри секојдневно се изложени на дополнителни трошоци. Зошто се прераспоредени и од кои причини и заради кои суети Независниот синдикат на полицијата не знае. Се надеваме дека ваквото постапување е грешка од страна на Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, истиот таа грешка навреме ќе ја свати и во најбрз рок истата грешка ќе ја поправи и колегите ќе ги врати назад со решение на своите претходни работни места, додаде Коцевски.
Наспроти ставот на Коцевски дека доколку, до понеделник 11 октомври, од страна на министерството овие работници не добијат нови решенија за старите работни места ќе биде организиран протест во Скопје пред министерството, министерот Трајан Димковски вели дека станувало збор за 35 шумски полцајци кои биле опфатени со постапката на мобилност од која се очекувале поголеми работни резултати во заштитата на државниот шумски фонд.
-Намерата е да ги заштитиме шумите, максимално што можеме, а јас како министер доколку слушам критики потребно е да реагирам. Она што е направено е токму да имаме поголема ефикасност во справувањето со дивата сеча и очекувам да видиме резултати, рече министерот Димковски.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство додаде дека нема политички реваншизам во преместувањето на шумските полицајци туку дека триесет и петмината биле дел од реорганизација по бројни поплаки за зголемена и неконтролирана дива сеча на државниот шумски фонд како и од зголемен број на кражби од страна на неодговорни лица./У.Ј