(ФОТО)Свечена академија по повод 9 Ноември – денот на општина Велес
Значајни, 75 години слободен Велес, обврзуваат да се чува достојно споменот, не само како задача туку и како најголема човечка обврска, за борците на партизанските одреди „Димитар Влахов“, „Трајче Петкановски“ и „Осма велешка народно ослободителна бригада“ кои го остварија сонот на Илинденците, на Гемиџиите и сите кои копнееја по слобода затоа што токму тие му го донесоа на Велес спокојот на рациновото утро, ја врежаа својата младост и живот во вечната почит и паметење.
Со оваа порака до велешани и велешанки го започна говорот на Свечената академија по повод 9 Ноември – денот на Велес, градоначалникот Аце Коцевски.
-Во име на таа вечна битка за подобро утре, во изминатиот перод се посветивме на остварување на „Визијата за Велес“, но не краткорочната. Ги вложивме сите сили Велес да стане првата општина во државата со долгорочни, европск стратегии за одржлив развој како што се стратегиите за паметен град 2019-2030 година и за одржлива урбана мобилност. Конечно имаме решение за сообраќајните и урбанстичките решенија во градот, од врвни европски експерти кои работеа и на развојот на Љубљана. Имаме решение за гасификација на Велес, за зонско паркирање и за решавање на низа проблеми со кои секојдневно се соочуваат граѓаните. На езеро Младост започнаа градежните работи за „Паметно езеро Младост“ поддржан од ЕУ преку Светска банка во висина од над еден милион евра. Годинава на Општина Велес и се одобрен 15 големи структурни проекти со кои конечно ќе се решат и проблемите на граѓаните во дел од населените места, за водоснабдување и за пристапни патишта, за добар дел од нив. Тоа е нашата цел да обезбедиме еднакво квалитетни услуги за сите граѓани без оглед каде живеат на подрачјето на општината, рече Коцевски.
Во годината кога Велес ја изгуби драгоцената пет децениски стара шума, на езеро Младост, Градоначалникот, ги повика велешани и велешанки посветено да се грижат за животната средина и за урбаната опрема, со грижливост и граѓанска етика да дадат придонес во убавото лице на градот. Ги повика компаниите да учествуваат во одржливиот развој на својот Велес и им порача на сите сограѓани кои животниот пат ги одвел на различните континенти на земјината топка да го сакаат и да не го заборават својот град затоа што тој никогаш нив не ги заборавил.
Свечената академија продолжи со доделување на највисоките општински признанија и наградите за животно дело „Гемиџии“ и за најдобар студент „ Проф. д-р Ѓорѓи Шоптрајанов“.
Љубица Јаневска ,филантроп и менаџер за човечки ресурси во компанијата „Ронтис“, Ангела Арсова, млад научник во областа на неурофармакологијата, Здружението на слепи лица на Велес, новинарката Антоанела Гајдова, наставничката Сузана Палитова и кајакарите Анѓел Петрушев и Александар Златаров се добитниците на Пофалница на Општина Велес за 2019 година.
Благодарници на Општина Велес за 2019 година им беа доделени на Здружение на граѓани „Носачи на крстот“ и Здружение на граѓани „Акцијаш – ветерани“.
Спомен плакета 9-ти Ноември за 2019 година, Општина Велес , им додели на КУД „Коле Неделковски“,, кореограф и основач на балетското студио „Анабела” Цветанка Пајдакова, музичкиот педагог Веселинка Маџарова Андова , конзерваторите м-р Владо Мукоски и Момчило Трајковски, Фудбалскиот клуб „Борец 1919“ и на компаниите „Пескара Вел“ и „Павор“.
Студентката на Технолошко – техничкиот факултет во Велес ,Марија Илиевска, со постигнат просек од 9,59 е годинешен добитник на најградата „Проф. д-р Ѓорѓи Шоптрајанов“ за 2019 година.
Наградата за животно дело „Гемџии“, годинава, му беше врачена на Трајче Ковачев – Зебец, познат велешки и македонски фудбалер, дома и на просторите на поранешната држава Југославија, како и истакнат спортски работник во пензија. Упатувајќи благодарност за препознатите постигнати резултати во фудбалот и успеси во развојот на спортот во градот, до градоначалникот, до Советот на Општината и до Комсијата за доделување на општинските признанија, меѓу кои е престижната награда за животно дело „Гемиџии“, Ковачев рече:
– На сите им благодарам што оваа вечер ја направија доживотно да ја запомнам. Како спортист, освен од име на фудбалот исто така и од името на останатите спортски дисциплни, дозволете ми почитувани сограѓани да апелирам да пронајдете слободно време, да спортувате, да рекреирате, да се дружите, верувајте дека со тоа се продолжува вашиот животен век. Се обраќам до сите наши сограѓани со барање да придонесат во афирмација на нашиот град и општина, како во државата така и надвор од неа. Се надевам дека ќе се постигнуваат резултати вредни за почит. Нека ни е честит денот на Општина Велес.
Во културнот дел на свечената академија, што се одржа во големата сала на велешки театар „Јордан Хаџи Константинов Џинот“, настапија: Градскиот камерен оркестар, Детскиот црковен хор „Свети Кирил и Методиј“ пијанистите м-р Светлана Ташева и м-р Илија Настовски како и балетското студио „Анабела” . Во чест на наградените концерт одржа Женскиот камерен хор „Света Злата Мегленска“./У.Ј