Жртвите на семејно, психолошко и сексуално насилство веќе не молчат но очекуваат помош од државата
Семејно насилство постои и покрај тоа што се работи на негова превенција. Но жртвите веќе не молчат како порано. Дека биле тепани, малтретирани, бркани и сексуално злоставувани тие пријавуваат како во полиција така и кај голем број на граѓанските организации кои работат на превенција и подигнување на јавната свест. Охрабрувањето се должи и на националните кампањи за пријавување на насилство, рекоа истражувачите на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство на панел дискусија на тема „Предлог модел за реинтеграција и рехабилитација на жени жртви на семејно насилство“ органзирана од Организација на жени на Општина Велес.
– Во државата во 2018 година се регистрирани 919 нови случаи на домашно насилство. Од нив 665 лица се возрасни жени и 140 лица се возрасни мажи додека 114 се деца, жртви на насилство. Во последната категорија спаѓаат 64 девојчиња и 50 момчиња. Најголем број од регистрираните лица биле или психолошки малтретирани или тепани додека како новорегистрирани жртви на сексуално насилство се евидентирани 13 лица. Според податоците на државните институции се појавува и економското насилство на кое биле подложени 17 граѓани, рече истражувачката Ана Аврамовска Нушкова.
На истражувачите на Националната мрежа им помогнаа редовните податоци што се собираат и редовно објавуваат од страна на МВР, Заводот за социјални дејности и Министерството за труд и социјална политика. Според извештајот на министерството за труд и социјална политика во првите шест месеци годинава ново регистрирани случаи се 767 од кои што 572 возрасни жени , 120 се возрасни мажи и 75 се деца пријавители на семејно насилство. Резултат на обработката и анализата на податоцте се предлог мерките за реинтеграција на жртвите на семејно насилство.
– Меркте вклучуваат пет аспекти како привремено домување за жртвите кое државата мора да го вклучи како приоритет, вториот е психолошкото советување кое треба да помогне да се надминат траумите и враќање на самодовербата, третиот е финансиската поддршка од државата до вработување, четвртиот е обука и образование за да стане економски јака и се вработи и петиот е помошта при вработување со флексибилно работно време. За да го постигнеме последново потребно е сензибилизирање на работодавачите и промена на Законот за вработување со фокус на жените жртви на семејно насилство, рече Елена Димушевска извршна директорка на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство.
На панел дискусијата беа споделени искуствата на СВР Велес и на Центарот за социјални работи во Велес со работа на жртви со семејно насилство. Во постигнатите резултати беше речено дека годинава една велешанка по пријава за семејно насилство успеала да истрае во намерата да излезе надвор од домот а сопругот да биде изнесен пред лицето на правдата. /У.Ј