Нов вандализам во комплексот на велешка Спомен костурница
Сите новозасадени садници со израснат чемпрес, што летово ги засадија акцијашите, во комплексот на Спомен костурница се искршени. Вандалскиот чин се случил минатата недела. Откриен беше ,изминатиот петок, кога членови на граѓанското здружение „Акцијаш ветерани“ направија обиколка на дрворедот што се засади покрај скалите до споменикот.
Тие ги открија искршените стебла на пет години стари садници кои беа засадени за време на собирот на акцијаши ветерани од просторите на поранешна Југославија што во Велес се одржа во октомври, по повод 60 годишнината од формирањето на Младинската работна бригада „Кочо Рацин“. Садниците требаше да го симболизираат почетокот на засадување на Акцијашка шума исто како Поетската шума што ја засадуваат во чест на Кочо Рацин секоја година , со по две садници, лауреатите на Рациновите средби.
Но освен садниците, на долното плато, во културно историскиот комплекс се искршени и осум сијалици на канделабри.
Нив општината ги постави летово откако ги извади старите во облик на фенери затоа што и тие беа искршени. Вандализмот кој се врши во комплексот на споменикот сега е помогнат и од целосниот мрак во вечерните и ноќни часови. Тогаш се крадат и дрвените летви од клупите за седење.
– Кога би имало чувар, како порано, ова нема да се случува. Сега изграденот објект во кој беше сместена чуварската служба е празен. Тоа ги охрабрува несовесните граѓани и пред се младите да прават што сакаат, рекоа граѓани кои живеат во непосредна близина на Спомен костурница. Надлежен за културно историскиот комплекс е Народен Музеј на Велес. Културната институција со години не добива пари за ангажирање на чуварска служба од Министерството за култура.
Вандализмот што се случува во културно историскиот комплекс Спомен костурница е пријавен во новоформираниот Центар за известување и командување на СВР Велес од каде се очекуваат информации поврзани со превземени мерки за откривање на сторителите./У.Ј