Засадени туи и израснати садници на брегот на „Езеро Младост“
Педесеттината ученици од велешките средни училишта, млади бригадири и акцијаши ветерани денеска дадоа придонес во акцијата за пошумување на Езеро Младост. Акцијата ја организираа пратениците Панче Иванов и Агин Муртезани откако преку регионалната пратеничка канцеларија со проект обезбедија 1.000 евра од донаторот Мисија на ОБСЕ во Република Северна Македонија. Со парите се купија израснати садници.
– Со колегата Муртезани сме благодарни на Мисијата на ОБСЕ што препознаа приоритет и го доделија грантот за купување на садници. Средствата директно се префрлени на жиро сметката на ЈП „Национални шуми“ на кои исто така им благодариме за дадената логистика и расчистувањето на парцелата и што овозможија денеска да ја реализираме акцијата. Им благодарам и на младите од ЗГ „Акцијаш ветерани“ кои ги засадија садниците бидејќи тие најмногу ќе уживаат во благодетот на езерото со израсната шума. Воедно упатуваме порака да се вклучиме сите велешани за ова место повторно да биде „белите дробови на Велес“ и култно место како за нас велешани така и за сите добронамерни туристи, домашни и од странство, рече пратеникот Иванов.
На акцијата присуствуваа и претставници на Мисијата на ОБСЕ.
Езерото ја има потребната инфраструктура па затоа декоративните садници се засадуваат покрај пешачките патеки и трим стази.
– Садниците се претходно одгледувани во расадниците на ЈП „Национални шуми“. Едните се вертикални а другите во форма на топки. Тие се школовани и култивирани садници со уверенија за здравствена состојба и им е потребно полевање со голема количина на вода, од цистерни со вода кои единствено ги има ЈКП „Дервен“ и најверојатно тие ќе ги полеваат, рече Љубинка Попова раководител на ШС “Бабуна“.
Во денешната акција за засадување на брегот на велешко езеро со нови садници, откако боровите шуми на површина од 200 хектари ги пеплоса пожарот изминатово лето, се вклучија и новинарите од Велес. Сите засадија по една садница, давајќи личен придонес и вклучувајќи се во акцијата „Езеро Младост со шума“.
Со нив беше и велешанецот Боре Манев. Тој на осумнаесетгодишна возраст како бригадир ги копал каналите покрај патот до браната на сеуште неизградената акумулација, потоа ја засадувал боровата шума на брегот и денеска како акцијаш ветеран, повторно садеше нови садници крај „Езеро Младост“. Неговите осумдесетгодини не беа воопшто препрека да застане во бригадирскиот строј на Младинската работна бригада „Кочо Рацин“ која е на возраст од седумнаесет години. Ниту со членовите на ЗГ „Акцијаш ветерани“ кој од него се помлади две до три децени.
– Пред четири, пет месеци изгоре оваа шума. Мора да се обновува. Се си има свој век и траење. Така и оваа шума затоа мора од почеток да се почне, гледате и денеска пошумуваме. И ќе пошумувам додека можам. Овде мора да израсне нова шума. И се гордеам што со мене се млади луѓе кои се гаранција дека ќе му го вратиме сјајот на велешко езеро, рече Манев.
Од акцијата беше упатен апел до сите велешани, да се вклучат во акциите за пошумување на голините на „Младост“ по големиот пожар од летово./У.Ј