Остатоци од коски се пронајдени во изгорената куќа на Паунови, во комплексот Варналиите
Пронајдените коски во еден кош на парцелата која трет ден, по пожарот, во куќата на Паунови се претпоставува дека се на 80 годишниот Миле Паунов. Ги пронашле Крим техничарите на СВР Велес кои заедно со градежните работници и работниците на ЈКП „Дервен“ работат на отстранување на куповите гараж од изгорено дрво, мебел и предмети. Информиран е и јавен обвинител. Потрагата продолжува и по други можни остатоци од човечко тело.
-Пронајдените коски од човек се собрани. Чекаме само во делот на расчистувањето на парцелата да не најдеме и други остатоци од човечко тело. Во текот на утрешниот ден, вторник 24 декември, Основното Јавно обвинителство ќе издаде наредба и собраниот материјал ќе го испрати до Институтот за судска медицина во Скопје. ДНК анализите ќе треба да утврдат дали се работи за Миле Паунов, рече Гордана Тодорова Основен Јавен обвинител на Велес.
Крим техничарите работат и на утврдување на причините од што избил пожарот во куќата на Паунови. Им помагаат соседите кои, кобниот петок, нешто пред 23 часот слушнале повици за помош од внатрешноста на куќата. Соседите претпоставуваат дека помош барал Миле од катот над приземјето. Дел од нив се обиделе да ја скршат влезната порта и да влезат во тремот но од јакиот оган почнале да пукаат стаклата на прозорите. Стаклото паѓало долу пред портата. Набрзо вивнал и покривот па соседите не се чувствувале безбедни да влезат внатре. Дел од нив околу 19 часот го виделе Миле како пазари во маалската продавница. Купил сланина и шишиња со пиво. Маалскиот продавач раскажал дека и по втор пат дошол кога купил уште неколку шишиња со пиво.
Инаку, огнот ја изгоре и куќата на Маневи, втора, заштитена со закон и прогласена за културен споменик на Велес. Државата има голема вина за неодржувањето на заштитените куќи, смета Градоначалникот Аце Коцевски.
– Јас лично сум влегувал во објектите кои вие ги спомнавте и навистина и жителите навистина живеат во ненормални услови за живот. Провев има од сите страни. Почнуваат да се распаѓаат а општеството ништо не превзема. Треба од ова да се извлечат поуки но, до денеска ниту еден претставник на надлежната институција за заштита на спомениците на култура не дојдоа да прашаат што се случи со објектите, рече Коцевски.
Градоначалникот најави помош од Општина Велес за семејството Маневи, кои останаа без покрив над глава и привремено се згрижени кај роднини.
Куќите на Паунови и на Маневи, кои изгореа во петокот ноќта , се дел од комплексот Варналиите. Изградени се во 1869 година и заштитени со закон во 1964 година. Досега беа дел од повеќе играни филмови и промотивни видеа за Велес./У.Ј