Костов: Негрижа кон спомениците на култура во Македонија и не само сега туку во подолг период
Државата не води грижа за спомениците на култура веќе децении наназад. Со ваков однос ги казнува граѓаните кои живеат во куќите, заштитени со закон и прогласени за споменици на културата. Тоа што ги бојадисала фасадите во 2016 година на куќите во комплексот „Варналиите“ во Велес се само фрлени пари бидејќи тие не се конзервирани. Ова е првиот впечаток на директорот на Управата за заштита на културно наследство, Ацо Костов. Тој денеска со тим од оваа државна институција стигнаа пред изгорените куќи на Паунови и на Маневи во комплексот „Варналиите“ .
Костов е категоричен дека потребна е темелна реконструкција на сите куќи ,што ја заслужуваат како пример на велешката староградска куќа, на органска архитектура од 18 век и од 19 век, со преубава внатрешност, со чардаци, миндери и таваници. Директорот констатираше дека жална е целата слика во целиот комплекс „Варналиите“, трагична со изгубениот човечки живот и трогателна поради изгорените куќи на Паунови и на Маневи.
-Управата за заштита на културно наследство ќе повика институција за проценка на штетата, ќе направи проекти од веќе постојните и интенцијата би била да се врати ликот на постојната архитектура во комплексот „Варналиите’, со компромиси за да биде решението трајно. Компромиси значи материјалот да биде посоодветен, да се сочува архитекстонскиот надворешен изглед, ќе му наложиме на Заводот за конзервација да дојде за да го сними теренот и објектите како и да се направат проекти за реконструкција, рече Костов.
Toj со тимот детално однадвор ја разгледуваа изгорената куќа на Паунови и однадвор и внатре беа во куќата на Маневи. Тие разговараа со сопственикот Бојан Манев. Костов го виде и граничниот ѕид ка куќата на Прнарови со Тренчеви.
-Културно историското наследство има непроценлива вредност. Се што е изгубено еднаш е изгубено за секогаш. Потребни се системски промени во свеста на луѓето и во постапувањето на институциите во областа на културното наслество . Потребни се системски промени во законите за културно наследство и во одговорностите како чувари на културното наследство, рече Жаклина Перовска, советник – инспектор за културно наследство во Управата за културно наследство.
По шест дена од пожарот во кој жив изгоре сопственикот на првата куќа, осумдесетгодишниот Миле Паунов и трајно ја оштети лепенката, куќата на Маневи, ова е прва посета на државна институција во комплексот „Варналиите“. Ќе дојдат ли конзерваторите од Заводот и Министерот за култура и кога?
Убавка Јаневска