И Радовишани засадија 720 садници со дрвца на „Езеро Младост“
Кога летово, во големиот пожар, изгоре шумата на брегот на „Езеро Младост“ меѓу првите кои најавија донација во садници беа членовите на Стартап Иницијатива за засадување на дрвја во Македонија, со седиште во Радовиш. Во изминативе неколку месеци, од септември до денеска, оваа граѓанска иницијатива собира 720 садници, што денеска, ги донесе на езерскиот брег и се вклучи во големата акција за пошумување организирана од Општина Велес.
– Денеска засадуваме 100 садници јавор, 20 садници јасен и 600 садници со багреми или вкупно 720 дрвја. Досега сум доаѓал на велешко езеро, не многу често, но овие засадени садници секако дека ќе бидат поттик за нас што почесто да доаѓаме и да го надгледуваме нивното израснување. Нивната зафатливост ќе ни биде мотив. Целиме дека над 60 отсто од засадените садници ќе се зафатат, рече Никола Стефчев.
Овие граѓански активисти претходно, пред две недели,веќе засадиле по 100 садници во Охрид и на Водно во Скопје. Иницијативата за засадување на дрвја од Радовиш е формирана во март годинава.
Денеска на брегот на езеро Младост ги откривме откако вниманието ни го привлече белата пудлица, нивен верен другар, која штом членовите на оваа Стартап Иницијатива го изговореа зборот „копај“ кучето ја копаше земјата и на тој начин помагаше во засадувањето на садниците. Тоа гледано од страна оставаше посебен впечаток./У.Ј