Велес ја доби првата жителка во новата 2020 година, се роди Изабела Иванова
Се слушна посакуваниот прв детски плач, во новата 2020 година, на Акушерското одделение во ЈЗУ Општа болница во Велес. Денеска, на 2 јануари, во 9 часот и 8 минути заплака штотуку родената, со царски рез, Изабела. Така ќе се вика ќерката на дваесет и четири годишната Марија и таткото Ѓорги Иванови од Велес. Мајката Марија е пресреќна. Се чувствува исто како и пред 2 години и 4 месеци во велешката болница го роди синот Давид.
– Се излезе како што посакував, во најдобар ред и се чувствувам среќно. Им порачувам на сите жени во градот, да се охрабрат и да го родат своето второ а зошто не и трето детенце. Меѓутоа првично посакувам Господ сите да ги милува со по едно детенце, рече родилката Марија.
А додека таа ја даваше изјавата и веднаш штом се вклучија камерите и диктафоните Изабела заплака и не престануваше да плаче. Нејзиниот плач го искоментира Градоначалникот Аце Коцевски кој денеска ги посети за да им ги предаде подароците од свое како и од име на Советот на Општината.
– Ќе биде актерка, Изабела умее да глуми пред камери со плачот и солзите, рече Коцевски.
Освен пликот со чек од 12.000 денари или паричниот износ имаше и подарок за мајката Марија. До креветчето на Изабела, беа наредени и другите подароци кои веќе пристигнале од институции и граѓански здруженија. Бидејќи е мома, Изабела, го доби и првиот фустан и чевлички од Организацијата на жени на СДСМ во Велес.
Др Силвија Богоевска, специјалист по гинекологија и акушерство со тимот анестезиолози предводен од д-р Наташа Анастасова го изврши породувањето со царски рез на Марија Иванова.
-Новороденчето е женско, тешко 3 кг и 420 грама и долго 52 см. И мајката и Изабела одлично се чувствуваат. Ова е програмиран царски рез, претходно договорен термин за породување. На одделението нема други родилки кои очекуваме да се породат. Лани, на 31 декември ни се родија две новороденчиња, второто се роди 15 минути пред да дојде новата година, рече др Богоевска.
– Новороденчето веднаш заплака штом го извадивме од стомакот на мајката. Тоа значи дека е со добри витални параметри на граден кош. Ја слушнавте и вие како плаче тоа значи дека е во одлична здравствена состојба исто како и нејзината мајка, рече др Дончо Дервишов специјалст педијатар.
Да бидат здрави и живи им посака Градоначалникот Коцевски на Изабела и нејзината мајка Марија.
– Воедно да посакам во текот на годината да се раѓаат што повеќе здрави дечиња во Велес. Ја користам пригодата на вработените во болницата, посебно на Одделението за гинекологија и акушерство да им честитам за успешното прво породување, годинава, и да им посакам годинава да имаат што повеќе работа како и со успех на свет да доаѓаат што поголем број на млади велешанчиња, додаде Коцевски.
Традиционално, на крајот од посетата на градоначалникот на првото новороденче и неговата мајка следеше заедничкото фотографирање со вработените на Одделението за гинекологија и акушерство./У.Ј