Д-р Ѓорги Николов повторно е дел од тимот на Одделението за гинекологија и акушерство во велешка болница
Прв работен ден на старото работно место. Тоа беше првата реченица што денеска ја изговори др Ѓорги Николов, специјалист по гинекологија и акушерство, додека излегуваше од собата за прегледи на одделението во ЈЗУ Општа болница во Велес. На новинарското прашање дали треба да заклучиме дека кај лекарот превагнало чувството на „локал патриотизам“ д-р Николов одговори:
– Зошто не. И тоа може да биде ако се земе во предвид дека додека работев низ бројни домашни приватни специјалистички здравствени установи а велешанки беа едни од моите најбројни пациентки си дадов завет дека еден ден ќе се вратам во родниот град и ќе им ги скратам маките кои се однесуваа на патувањата за термините на контроли, породувања и секако за ин витро постапките. Еве тој ден дојде, од денеска 2 јануари 2020 година, јас сум повторно дел од тимот на Одделението за гинекологија и акушерство на ЈЗУ Општа болница Велес, рече д-р Николов.
Др Ѓорги Николов е дипломец на Медицинскот факултет на Универзитетот „ Кирил и Методиј“ . Работи од 1990 година. Во неговиот работен дневник прво се запишани амбулантите од јавното здравство во селата Јасеново и во Богомила а потоа и Итната медицинска помош во ЈЗУ Здравствен дом Велес. Својата кариера тој ја продолжува на Одделението за гинекологија и акушерство во велешката болница, прво како специјализант кој специјализира и работи па потоа како вработен специјалист до 2007 година.
Во изминатата нешто повеќе од декада, од 2010 до 2020 година, др Николов беше дел од тимовите на приватните здравствени установи „Виталино“, „Неуромедика“, „Свети Лазар“, „Нуборн клиник“, “Генезис“, „Санте плус“ како и на „Плодност“. Во последните две приватни здравствени установи овој лекар работеше и на програмата ин витро. Со неа им помогна на најмалку 350 жени, млади и нешто повозрасни, како од Велес така и од повеќе градови во Македонија како и од странство да го чујат првиот плач на својот пород.
Сега во тимот на лекари специјалисти на Одделението за гинекологија и акушерство се: примариус др Атанас Василев, др Силвија Богоевска, др Ѓорги Николов и началникот др Аристотел Тренчев. /У.Ј