Велешкото семејство Јованови ќе добие социјална помош, граѓаните веќе обезбедија храна и 20 м3 дрва
Семејството Јованови од Велес ќе добијат еднократна парична помош од Министерството за труд и социјална политика, а ќе биде разгледана и можноста за користење на правото за социјална пензија или годишен минимален приход. Ова го соопшти министерката за труд и социјална политика Рашела Мизрахи на својот фејсбук профил по посетата на домот на Јордан Јованов и неговата мајка Анѓелина.
-Го посетивме домот на Јордан Јованов и неговата мајка Анѓелина затоа што условите во кои живеаат се загрижувачки. Очајно им е потребна помош и веднаш се заложуваме како Министерство во рамките на законските можности, да помогнеме со еднократна парична помош. Исто така и од Центарот за социјални работи во Велес ќе побараме веднаш да ги посетат и да се разгледа можноста за користење на правото за социјална пензија или годишен минимален приход. Мило ми е што веќе неколку приватни фирми се јавиле да понудат директна помош за станбениот дел. Хуманоста побрза од државата, хуманите граѓани веќе се пријавија за помош, рече Мизрахи.
По вчерашната сторија на ТВ 24 за велешкото семејство Јованови денеска се јавија од Центарот за социјални работи Велес.
„Во врска со семејството на Ангелина и Јордан Јованови од Велес ја информираме јавноста дека Јованови се во системот на социјална заштита и примаат помош од 11.600 денари. Дополнително во соработка со Општина Велес работиме на обезбедување на помош за подобрување на условите на живот.
Центарот за социјални работи Велес е во постојана комуникација со корисниците на социјалните права и се грижи за нив со цел да им обезбеди подобри и попристојни услови за живот.
Во меѓувреме Јованови се снабдени и со огрев и се упатени на остварување на другите права од социјална заштита“ – велат од Центар за социјални работи од Велес.
Во моментов, во посета на семејството е и Градоначалникот на Велес, Аце Коцевски./У.Ј