Отворен број за пријава на сомнителни симптоми налик на коронавирусот за велешани, болницата чека инструкции за инфективното одделение
Министерот за здравство, Венко Филипче на својот Фејсбук профил ги посочи телефонските броеви на кои граѓаните може да пријават доколку имаат сомнителни симптоми налик на коронавирусот. Велешани тоа ќе можат да го сторат на мобилниот телефонски број 071/219 – 278 кој е на Центарот за јавно здравје.
Во оваа јавна здравствена установа функционира епидемиолошка служба во градот која го покрива централниот дел на државата до Гевгелија.
Претходно, министерот Филипче најави дека и Инфективното одделение на велешка болница ќе биде по потреба просторија за изолација.
-Чекаме инструкции од министерството. За дел од персоналот на велешка болница беа, во два наврати, одржани обуки во Скопје кои се однесуваа на основите на појавата и справувањето со коронавирусот. Ако се појави потреба, министерството, ќе не информира, стави во функција на што секако ќе претходи создавање на потребни услови за борба со ова инфективно заболување, рече д-р Божидар Бојаџиев, директор на ЈЗУ „Општа болница“ во Велес.
Инфективното одделение во моментов работи со тројца доктори, инфектолози и доволен број на средностручен медицински и технички персонал./У.Ј