Катица и Ванчо Манојлови починале во месец март, соопшти министерот Филипче
21.04.2020
Завршен е увидот на Институтот за судска медицина за починатите мајка и син, во стан на улица „4 јули“, во Велес. Сите анализи покажале дека Катица и Ванчо Манојлови починале пред 3 до 5 недели од пронаоѓање на телата.
-Мајката и синот, кои беа пронајдени починати во нивниот дом во Велес, починале три до пет недели пред да бидат пронајдени, покажале резултатите од увидот на Институтот за судска медицина.Според податоците тие починале во март, а не во јануари како што беа првичните индиции, изјави министерот за здравство Венко Филипче.
Силната смрдеа од распаднатите тела, на починатата мајка и син, ги поттикна соседите неколку дена пред 6 април да пријават во полициската станица и да побараат помош за да се скрши влезната врата на станот со број 2 во зградата.
Во него живееја Катица и Ванчо. Нив соседите изјавија дека ги немале видено од божиќните празници наваму. По три месеци, од последниот пат кога претседателот на Куќен совет им тропнал на врата за да им побара пари за хигиената на скалите и во ходниците како и за потрошената електрична енергија, полицијата обезбеди налог од Основното јавно обвинителство а потоа влезе и ги пронајде двете тела во распаѓање.
На 10 април, годинава, беше објавен резултат од тестот на брис земен од Катица на кој жената беше позитивна. Позитивниот резултат отвори полемика за присутноста на вирусот многу порано од прогласената епидемија на здравствените власти во државата. Денеска објавените информации се сосема различни од оние од пред десет дена./У.Ј