И вториот, дополнителен увид, покажа дека Манојлови починале на почетокот на март, годинава
Тарифното броило на приклучокот за ектрична енергија во домот на починатите мајка и син, Катица и ВанчоМанојлови, регистрира потрошувачка на струја до месец јануари, годинава а Судска медицина тврди дека старицата и нејзиниот син починале на почетокот на месец март, годинава.
Овие две информации иако една со друга контрадикторни, се дел од дополнителен увид во станот во кој живееа починатите мајка и син на улицата „Ѓорѓи Војтех“ или поранешна „4 Јули“ во Велес.
Основниот јавен обвинител во Велес дал наредба и дополнителниот увид го спровела екипа на Институтот за судска медицина, соопшти Верољуб Додевски портпарол на СВР Велес.
– Известени сме дека смртта кај лицата настапила пред три до пет недели од моментот кога се пронајдени. Имаме и известување од „ЕВН“ Велес дека, на броило од нивниот стан последен пат е регистрирана потрошувачка на електрична енергија во месец јануари. Од обвинителот се добиени нови насоки за оперативни дејствија за расветлување на случајот и припадниците на Министерството постапуваат по нив, додаде Додевски.
Според Додевски досега како доказ не е анализиран телефонскиот апарат на Манојлеви.
Истрагата сеуште трае и овој случајот не е затворен ниту по шеснаесет дена откако мајката и синот беа откриени во нивниот дом.Тогаш, на 6 април, увид направи екипа на СВР Велес и по наредба на Јавен обвинител телата беа предадени на обдукција во Институтот во Скопје. Лекарите и тогаш и во вториот наврат, деновиве, констатираат дека Манојлови се починати три до пет недели пред да бидат откриени. Сепак во првата обдукција тие соопштија дека кај Катица има присуство на коронавирус. Тогаш и при увидот инспектор од велешкиот сектор за внатрешни работи се зарази од инфективното заболување.
Инаку соседка на Манојлови пријави во полиција дека подолг временски период не ги видела а претседателот на куќниот совет тврдеше дека последен пат од нивниот дом ги слушнал пред божиќните празници./У.Ј