Се подготвуваат клоновите на ОУДГ „Димче Мирчев“ повторно да ги отворат влезните врати за децата
30.04.2020
Со четки и боја во рацете денеска петмина вработени во Општинската детска установа „Димче Мирчев“ го освежуваа изгледот на дворната ограда на петиот клон „Ѕвездички“. Бојадисувањето на оградата следеше по измиениот двор и детските реквизити поставени во него. Воочливо беше дека претходно е уредено и зеленилото и цветните аранжмани во дворот. Гледката остави впечаток дека вработените се подготвуваат за скорешно отворање на влезните врати на детската установа.
-Вратите ќе ги отвориме кога ќе биде донесена одлука за враќање на дечињата во објектите а тоа што сте го виделе во петиот клон е процес што трае подолго време во сите клонови на ОДУГ „Димче Мирчев“. Ние максимално и рационално го користиме времето за средување и уредување на внатрешноста и надворешниот изглед на нашите објекти. Започнавме со чистење на внатрешноста, перење на стази, теписи, чистење на кујните, спалните и игралните во сите објекти. Потоа следеше дезинфекција како на зградите така и на игровната опрема и дидактичките материјали. Сега се средуваат, уредуваат и освежуваат дворовите на шесте клона. Деновиве ќе следи и втората дезинфекција на игровната опрема и дидактичките материјали, за да бидат подготвени да ги пречекаат корисниците, рече директорката Маја Велиновска.
Според градоначалникот на Велес, Аце Коцевски за разлика од училиштата градинката во Велес за одреден временски период ќе мора да ги отвори влезните врати за дечињата иако точно кога тоа ќе се случи денеска не може да се каже.
-Моите очекувања за детските градинки се дека ќе мора да почнат да работат, како и во другите држави. Ќе речам после одреден период, за да се обезбедат услови за згрижување на дечињата чии двајца родители работат и немаат кои да се грижи за нивните деца. Во некои држави ги отвораат и целодневните престои на учениците за да не ги чуваат бабите и дедовците кои се многу податливи на болеста. Очекувам од владата и кризниот штаб да дадат соодветни насоки како да се поставиме во наредниот период, додаде Коцевски.
Најавите за повторно ставање во функција на градинката за прифат и згрижување на децата подготвени ги очекуваат и директорката Велиновска и вработените во јавната институција во Велес./У.Ј