За десеттина дена Велес ќе добие педесеттина времени паркинг места во централно градско подрачје
28.05.2020
На парцела од илјада метри квадратни, покрај Мало Мовче и под железничката пруга Скопје – Гевгелија, деновиве се интензивира изградбата на времен паркинг простор во централниот дел на градот. Механизација на градежната фирма „Изгрев“ веќе го извади муљот насобран покрај брегот на река Вардар и од денеска натрупуваи го рамни земјениот слој на парцелата. Штом заврши со оваа работна позиција ќе пристапи и на набивање и тампонирање на парцелата за паркирање на возила.
Парцелата е долга 67 метри и широка 15 метри на кои според првична проценка на инвеститорот Општина Велес таму ќе можат да се паркираат околу педесеттина возила.
-Парцелата е од времен карактер и ќе придонесе за растеретување на проблемот со паркирање во централното градско подрачје во Велес. Општината ја финансира изградбата од сопствениот буџет поточно од делот за изградба на паркинзи со предвидени 300.000 денари. Изградбата се реализира според утврдената динамика за работа на изведувачот поточно градежната фирма „Изгрев“, рече Снежана Дервишова советник во Одделнието за изградба и одржување на комунална инфраструктура на Општина Велес.
Градежните работи на новиот времен паркинг, на својот ФБ профил, ги објави и градоначалникот Аце Коцевски.
– Започнавме со уредување на просторот помеѓу мост Гемиџии и Мало мовче, од десната страна на Вардар, за времено паркирање на возила. Со тоа, до изградба на катна гаража, ќе го ублажиме проблемот со недостиг на паркинг простор во централно градско подрачје, напиша Коцевски.
Овој времен паркинг простор треба да биде готов за 10 дена.
Со неговото ставање во функција просторот ќе се спаси од смет и особено од луѓе кои во лето доаѓаа од други градови во државата, го запоседнуваа со шатори, стари возила, арабаџиски коли и коњи. Таму живееја и создаваа смет во огромни количини./У.Ј