Велешани го затрпаа со отпад просторот околу ново поставените подземни контејнери
15.01.2021
Општината модернизира а граѓаните со стари навики, наместо отпадот од дома да го фрлаат во подземните контејнери тие го оставаат околу нив.
Овие фотографии покажуваат колку граѓаните успеаа да ја загадат платформата за само 24 часа. Глетката околу подземните контејнери во близина на театарската зграда и крај мост „Гемиџии“ е грда затоа што од оставени кеси со домашен отпад дури не може да се види штотуку поставениот подземен контејнер.
И покрај тоа што општината и ЈКП „Дервен“ објаснија дека на секој контејнер има педала што треба да се нагази за да се подигне капакот и внатре да се фрли домашниот отпад утрово комуналните работници се соочија со купови од отпад, картонска амбалажа и стакло покрај самите контејнерите.
Комуналците дополнително на нивната фејсбук страница ги напишаа потребните информации како се отвора контејнерот што треба да придонесе за подобра информираност на граѓаните.
Но, картоните и стаклената амбалажа можеби не се оставени од велешани. Досега трговските продавници имаа навика картонски кутии да исфрлаат до старите метални контејнери што сега не треба да се случува, затоа што општината обезбеди посебни контенјери исклучиво наменети за хартија и стакло.
Доколку се повторува ваква глетка најверојатно ќе биде потребна едукација на граѓаните и опомена за сопствениците на дуќаните, со што ќе се придонесе за постигнување на очекуваниот резултат поточно градот да биде чист од една и од друга страна, да се заштити животната средина.
Стефани Манева