Над петстотини вакцинирани велешани со „АстраЗенека“
15.04.2021
Секојдневно помеѓу 25 и 30 велешани во смена или вкупно помеѓу 50 и 60 граѓани на Велес се вакцинираат со „АстраЗенека“ за заштита од корона вирус. На двата вакцинални пунктови во изминатите 15 дена се вакцинирани петстотини граѓани од повозраната популација. Меѓу нив се и најстарите велешани, 92 годишните Милан Ч. и Гоце Г. како и Марија И. Кои одлично ја поднесоа вакцината без било какви проблеми. Но не само тие, туку и кај ниту еден од веќе извакцинираните граѓани на Велес до денеска нема реакции, вели Д-р Марина Тодоровска.
-Тоа не се единствените пациенти што вакцина примија на над деведесет години. Повеќемина се и можам да константирам дека имаме добар одзив за вакцинирање. Граѓаните редовно си се јавуваат на закажаниот термин од страна на матичните лекари а ние се трудиме генерално имунизацијата да ја спроведеме во нормален тек според планираното. Пуштени се дополнителни термини за деновиве. Термини се испланирани и за во понеделник, 19 април, до кога ќе ги даваме расположливите вакцини на „АстраЗенека“ од првата пратка што ја добивме, додаде Тодоровска.
Според докторката од одделот за имунизација на „Здравствен дом“ Велес , што се пуштени дополнителни термини тие веќе очекуваат нова пратка со дози за вакцинирање бидејќи редовно прават пресек и анализа секојдневно. Граѓаните коишто не можат да се вакцинираат со „АстраЗенека“ се јавуваат и им соопштуваат дека дополнително, повторно, ќе аплицираат на веб страната vakcinacija.mk или преку своите матични лекари , со цел да не ја пропуштат можноста за вакцинација против Ковид-19. Во тој случај веднаш се закажуваат термини во соработка со матичните лекари за наредните граѓани коишто чекаат на листите за вакцинација.
Станува збор за граѓани коишто се откажале од „АстраЗенека“ поради карактеристични заболувања најчесто на кардиоваскуларниот систем , имале прележано мозочни изливи предизвикани од тромб или пак користат терапија што не дозволува да ја примат вакцината.
Од медицинските тимови на вакциналните пунктови ни соопштија дека веќе во понеделник ќе имаат поконкретни информации како и со кои вид на вакцина ќе ја продолжат имунизацијата.
Убавка Јаневска