Наместо 600 до денеска вакцинирани 800 граѓани со „АстраЗенека“
20.04.2021
Заврши вакцинирањето на велешани со „АстраЗенека“. Од првичната количина што пристигна во „Здравствен Дом“ Велес, се вакцинирани 600 возрасни граѓани што спаѓаат во категоријата на лица со што имаат здравствени, хонични болести. Тие беа вакцинирани во периодот од 31 март, почетокот на имунизацијата во Велес, се до минатиот вторник. Ниту еден пациент кој прими прва доза на вакцина до денеска не покажал несакани ефекти, рече д-р Пандели Божиков од Службата за имунизација, на „Здравствен Дом“ Велес.
-Од почеток на имунизацијата, нашите пациенти ги почитуваа сите препораки и секогаш доаѓаа точно на закажаниот термин. Медицинскиот тим на Службата за имунизација работеше строго по протокол и во текот на вакцинацијата не се појави ниту еден проблем. Секој вакциниран пациент веднаш по примањето на вакцината, добива и вакцинален картон на којшто му е закажан терминот за ревакцијација, додаде Божиков.
На 31 март, ЈЗУ „Здравствен Дом“ Велес, располагаше со 600 дози од вакцината „АстраЗенека“. Но како што соопшти д-р Божиков, поради голема заинтересираност на велешани за вакцинација на Службата за имунизација дополнителни и биле доставени уште 200 дози вакцини.
-Секако дека постојат и пациенти коишто преку своите матични лекари закажале термин за вакцинација но поради одредени оправдани причини не се појавија на вакциналните пунктови. Со цел да немаме прекин во работата, на нивно место веднаш закажувавме наредни пациенти коишто чекаа на листи кај нивните матични лекари, додаде Божиков.
Сепак зголемениот одзив на граѓани од оваа возрасна категорија е причина за навременото барање што „Здравствен Дом“ Велес го испратил до Министерство за здравство од каде на располагање била ставена дополнителната количина на 200 вакцини од видот „АстраЗенека“. Таа количина стигнала минатата недела и со неа е овозможено вакцинирање на дополнителни 200 граѓани за пет работни денови.
Служба за имунизација, чека на нови информации поврзани со продолжување на имунизација на велешани.
Според дел од матичните лекари листите со пациенти кои чекаат да бидат повикани за вакцинација се зголемуваат од ден во ден.
Граѓаните коишто очекуваат да бидат вакцинирани се од различни возрасни групи.
Дума.мк денеска испрати маил со новинарски прашања до Министерство за здравство во коишто побара одговор како ќе тече понатаму процесот на имунизација на велешани со оглед на направена распределба која што произлегува од процесот на масовна имунизација планирана на вакцинални пунктови и одредени шест градови, меѓу кои Кавадарци како еден од нив во државата. Поконкретно дали велешани ќе продолжат да се вакцинираат на двата вакцинални пунктови во Здравствен дом Велес или тие ќе треба да одат во Кавадарци а можеби во Скопје.
Исто така прашавме и каде ќе се вакцинираат граѓаните од Свети Николе како град што истотака припаѓа Вардарски плански регион. Поточно според кои критериуми е избран градот Кавадарци а не Велес за спроведување на масовното вакцинирање на граѓаните.
Убавка Јаневска