Полна е акумулацијата на велешко „Младост“, водата веќе се прелева преку браната
22.04.2021
Дождливиот период во изминатите денови го покачи водостојот на езеро „Младост“ со што достигната е висина од 246,93 метри надморска висина измерена во текот на вчерашниот ден додека во изминатите 24 часа езерото се наполнило со нови 30 см вода од дотеците на реките Отовичка што извира од Јарбош и Рудничка река. Затоа денеска преку преливниот дел , поточно браната, езерската вода започна да истекува и таа е повеќе атрактивна глетка отколку што претставува опасност.
Тоа значи дека, денеска, максималната кота на надморска висина на водата во езерото изнесува 247 метри. Информацијата ја потврди и директорот на ЈП Хидросистем Лисиче, во чија надлежност освен езеро Младост е и акумулацијата на браната во Лисиче.
-Опасност воопшто нема, затоа што при секое максимално полнење на акумулацијата водата се прелива и завршува во река Вардар. Браната е безбедна затоа потврди се добиени пред извесен период од експерти за што бевте информирани како медиуми во градот. Но јавното претпријатие, како надлежно да се грижи за безбедноста на преливниот орган во изминатиот период интензивно работи на проект што ќе овозможи уште поголема заштита и безбедност на самата брана. Станува збор за проект што предвидува повеќе превентива отколку последици при катастрофа, безбедност за пловните објекти коишто се наоѓаат во самата акумулација за којашто јавното претпријатие е надлежно. За овој проект доколку сте заинтересирани и дополнително ќе ве информираме со поконкретни информации, рече директорот на ЈП Хидросистем Лисиче, Дејан Арсовски.
Исто така, јавното претпријатие во изминатиот период работело и на утврдување на точната количина на вода во акумулацијата. Според извршените испитувања во езеро Младост, сега има околу четири милиони кубни метри вода или скоро половина од количеството што беше проектирано во текот на изградбата на браната во крајот од 60-тите години на минатиот век.
Убавка Јаневска