(Видео) Одбележан денот на пожарникарите: Александар Димитров – 36 години на првата линија против огнот во Велес

Александар Димитров е пожарникар со најдолг стаж во Територијалната противпожарна единица Велес. Тој цели 36 години со посветеност и човечност им служи на граѓаните, учествувајќи во бројни интервенции, гаснејќи пожари и спасувајќи животи. На денешното одбележување на Денот на пожарникарите, Димитров во видео изјава за Дума.мк објасни дека хуманоста е водилка во неговата работа и напомена дека не постои „тежок“ пожар туку сите интервенции низ годините имаат свои предизвици и потешкотии од кои дел се физички а дел и психолошки.
Територијалната противпожарна единица Велес денеска брои триесет вработени кои секојдневно се подготвени да одговорат на повиците за интервенции, гаснење пожари, спасување животи и заштита на имотот на граѓаните.

Командирот на ТППЕ Велес, Димче Јованов, за Дума.мк изјави дека единицата располага со солидна опрема која овозможува ефикасно извршување на интервенциите, но нагласи дека е неопходно таа континуирано да се надградува, особено со специјализирани алати за отворање на блиндирани врати и со помали возила прилагодени за тесните сокаци што се карактеристични за градот.
Денот на пожарникарите беше збогатен и со детски џагор. Дворот на велешката пожарна беше преполн со насмевки и возбуда од дечињата од детската градинка „Димче Мирчев“. Облечени во мали противпожарни униформи, тие им се заблагодарија на пожарникарите за нивната храброст и пожртвуваност и на секој вработен му доделија по еден медал.


По свеченоста, децата се фотографираа во противпожарните возила, а пожарникарите со внимание им ја објаснуваа функцијата на секој дел од опремата што ја користат при интервенциите. На овој топол начин, мисијата на пожарникарите беше пренесена и на најмладите – да се сака, да се помогне и да се биде херој.
Стефани Манева
фото:





