(Видео) Угина целата количина на риба во река Тополка од потег на поранешна Порцеланка до влив во Вардар

Објавено на 19 јуни, 2025 во 17:42

Ниту една жива риба нема во речното корито на долниот тек на река Тополка од утринава, од 8:20 часот, кога поморот на прекриената површина на водите со бела пенеста материја ја открија Рибочувари на велешкото Здружение на спортски риболовци „Бабуна“. Тие прво ја забележале белата пена а потоа како на површината на водата се наоѓа голема количина на угинати риби. Рибите се во различна големина и вид, рече за Дума.мк Даниел Наумоски претседател на спортските риболовци.

-Глетката е вознемирувачка и утринава и сега затоа што станува збор за десеттици килограми на угината риба во речното корито од потегот на поранешна Порцеланка до вливот во река Вардар. Веднаш го пријавивме инцидентот во СВР Велес кој излезе на местото на поморот и со увидна екипа, инспекторите на Државен инспекторат за заштита на животна средина, на Агенција за храна и ветеринарство, на овластена Лабораторија, ние од здружените и граѓански еколошки активисти, додаде Наумоски.

Првични сомнежи за причинителот и видот на еколошкиот инцидент нема. Рибочуварите вршат контрола и по течението на река Вардар.

-Сомнежот е дека станува збор за некаква хемиска или друг вид на отровна материја за да направи ваков голем помор. Нема жива риба во водите на реката од потегот на поранешна Порцеланка до влив во Вардар. Сите видови на риби, заедно со годинешниот мрест, значи видовите клен, мрена, попадика, автохтоната кркушка и друго се угинати, додаде Наумоски.

Според спортските риболовци неможе да се направи првична проценка на количините на угината риба како и кога настанал поморот. Тој е регистриран во 08:20 часот но можеби се случил и во текот на ноќта.

Направен е полицискиот увид и земени се примероци на риба од страна на инспектор на Државен инспекторат за заштита на животна средина и на Агенција за храна и ветеринарство. Мостри на вода се земени од две локации на реката. Резултатите од анализите ќе треба да покажат од што угинала рибата и видот на средството кое што го предизвика поморот.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.