Внимателно со банкнотите од 2.000 денари, пуштени во промет се фалсификувани
Пред десет дена откриени се неколку фалсификувани банкноти во прометот во два града во државата. Меѓу нив не е Велес ниту градовите од Вардарски регион но тоа не значи дека не можат да се појават и во нив. За оваа зголемена концентрација на фалсификуваните банкноти знаат банките и известена е НБРСМ. Тие веќе работат со подигнато ниво на заштита во прометот со пари.
Банките во Велес ги имаат овие информации и постапуваат по интерните процедури како и по упатствата на НБРСМ. Меѓу другото ги информираат граѓаните и фирмите дека доколку се најдат во ситуација да се посомневаат во оригиналноста на банкнотата што ја примиле можат да ја пријават во експозитурите во градовите. Банкарската администрација прави записник и ги повлекува фалсификуваните банкноти.
Сепак, потребна е поголема внимателност и на граѓаните и на фирмите. Според банкарите фалсификуваните банкноти се со лош квалитет на хартија и лош печат. Овие две карактеристики се значајни при споредбата што секој може да ја направи. Особено е важно да се внимава додека се пазари како на градскиот пазар така и во продавниците. И од страна на купувачите и од страна на продавачите.
Убавка Јаневска