За постигнување на видливи резултати против насилството над жените и девојките потребни се континуирани активности и настани во Велес
Формирање на Женска лоби група во која ќе членуваат претставнички на Организација на жени, 10-те советнички на актуелниот состав на Совет на Општина Велес, претставнички на останати граѓански организации, новинарки, лекарки, правнички, психолози, социолози како и граѓанки со цел да мотивираат што поголем број на сограѓанки за јакнење на свеста против насилството над жените и девојките, да и пристапат на бизнис заедницата и ја побараат нејзината поддршка за темата да добие актуелност и во останатите 349 денови во годината а не само во кампањата „16 дена активизам против насилството врз жените и девојчињата“. Ова е една од неколкуте позначајни препораки коишто вчера вечер беа соопштени на панел дискусијата којашто се одржа во Јуроп Хаус Велес, организирана од Организација на жени на Велес и Комисија за еднакви можности на Општина Велес.
На почетокот на панел дискусијата пред присутните жени се обрати претседателот на Совет на Општина Велес, Даниел Јаневски, кој потенцираше дека насилството не познава граници, без разлика на неговата форма и е сериозен проблем кој ја нарушува основата на едно општество, семејството и заедницата.
-Сите заслужуваме да живееме безбедно, слободно и достоинствено, безгрижно – без насилство, порача Јаневски.
На панел дискусијата присуствуваа и советничката Нада Јованова како и советниците Тодор Јаковлевски и Димитар Абрашев додека дебатираа советничките од советот на Општина Велес, Весна Атанасовска која е и актуелна претседателка на Комисијата за еднакви можности како и Пандорка Лазаровска Прличкова, поранешна претседателка на оваа општинска комисија заедно со претседателката на Организацијата на жени на Велес, Мирјана Трајкова и психологот Ангелина Димовска Стојанова од Сервисот за психолошка помош и поддршка на жени жртви на семејно насилство.
Насилството врз жените и девојчињата е сериозен проблем на заедницата кој од година во година зема поголем замав. Во 2022 година на територијата на Општина Велес биле евидентирани 60 жртви на семејно насилство додека за 13 повеќе, односно 73 жртви, се регистрирани во 2023 година, соопшти Трајкова.
Ангелина Димовска Стојанова, дипл. психолог во Сервисот за психосоцијална поддршка на жени и девојки на Организација на жени Велес ги соопшти резултатите од истражувањето што го направи и во кое учествуваа над 200 жени, вработени во четири велешки приватни компании кое покажува дека помеѓу испитаничките сеуште има случаи кои не ги препознаваат сите форми на насилство.
Советничките Весна Атанасовска и Пандорка Лазаровск Прличкова се сложија дека потребна е поголема, институционална помош на жртвите на семејно насилство како и обезбедување поголема помош како за отворениот Шелтер центар, во кои престојуваат велешанки кои претрпеле семејно насилство, како и за Сервисот за психолошка помош и поддршка на жени жртви на семејно насилство. Тој според Атанасовска треба да биде лиценциран за да добива поголеми финансиски средства од државата и постојано вработени стручни лица додека за Лазаровска Прличкова исто така беше значајна и Декларацијата донесена во 2019 година од Совет на Општина Велес со којашто фирмите кои ќе вработат жртва на семејно насилство да добиваат даночни олеснувања од државата.
Сите учесници на панел дискусијата се согласија дека овие бројки се уште поголеми, затоа што голем дел од жртвите не се осмелуваат да го пријават насилството поради страв и срам од општеството. Исто така панелистите се согласија дека се потребни конкретни мерки за заштита на жртвите преку добра меѓуинституционална координација, но истовремено и поригорозни казнени мерки за сторителите на психичкото и физичкото насилство.
Меѓународната Кампања „16 дена активизам – Обединети против насилството врз жените и девојчињата“ ќе трае до 10 декември, на која преку разни форми на предавања, едукативни работилници, панел дискусии, ќе се крене гласот против семејното особено против насилството врз жените и девојчињата.
Убавка Јаневска