Управниот одбор на ГРК „Борец“ си поднесе колективна оставка и спасот од згаснување на клубот го најде во пријава за натпревари во пониската, Прва лига на Македонија
Извршниот Директор на ГРК „Борец“, Ристо Велковски заедно со осуммината неизвршни директори Петре Климкаров, Тодор Тутарков, Тоше Киров, Томе Бабунски, Златко Гуцев, Даниел Ристовски, Стојан Мирчев и Маријан Неделковски поднесоа колективна неотповиклива оставка. Оставката е поднесена во архивата основачот на овој ракометен клуб, општина Велес , на 13 август и до вчера 4 септември нема одговор. Велковски на прес конференција ги повтори причините кои ја поттикнаа управата на клубот да го превземе овој чекор и се исклучиво од финансиска природа поточно неможност градскиот ракометен клуб да опстане со месечната дотација во висина од 125 илјади денари од буџетот на општината.
-Градоначалникот заедно со неговите советници не најдоа време и слух да разговараме и да дојдеме до некакви заклучоци кои ќе гарантираат дека клубот ќе може да функционира. Градоначалникот ме убедуваше дека од овие 125 илјади денари тој не отстапува. За најнормално функционирање, без големи надоместоци на играчите или било кого, на клубот му се потребни 300 илјади денари. Замислете ја разликата од 300 до 125 илјади денари. Бидејќи времето не згази, денеска е 4 септември а првенството започнува на 15 септември, а клубот од 20 остана на 14 играчи што значи дека што значи дека го немаме и потребниот број на играчи. ГРК „Борец“ е единствената екипа што во Супер лигата што се натпреварува само со сопствени грачи, сите се од Велес и тие полека се повлекоа и си ги земаа договорите. Тоа е дело на општината, рече Ристо Велковски.
Тој соопшти дека во изминатиот период Управниот одбор на клубот максимално ги вложил сите напори да обезбеди спонзорства од фирми но не успеал.
– Некаде бевме достојно примени а некаде третирани како рекетери. Кога отидовме кај еден бизнисмен доживеавме да ни каже дека тој веќе префрлил 20.000 денари на ФК „Борец“ . Во „Маркард“ го испративме комплетниот лански и годинешен финансиски извештај заедно со портфолиото кое ја содржи севкупната историја на ракометниот клуб тешка цели 68 години. Но, од фабриката ни соопштија дека не можат да го финансираат ракометниот клуб, додаде Велковски.
Потенцирајќи дека сите присутни на прес конференцијата се љубители на ракометот, поранешни играчи во клубот и на никој од нив не му е драго ГРК „Борец“ да се симне на едно ниво подолу, да игра на службен терен наместо на вистинскиот, што го заслужува, Велковски соопшти дека клубот во сезоната што следи наместо во Супер лигата ќе се натпреварува во Првата лига.
-Ова во Велес се случува по втор пат. Еднаш му се случи на ЖРК „Борец“, кога за прв пат во градската спортска историја клубот требаше да игра во европските купови дојдоа челници што го растурија. И никој нема објаснување зошто?, потсети Велковски.
Тој информираше дека единствено со помош на доброто разбирање на Ракометната Федерација на Македонија клубот ќе може да се натпреварува во Првата лига. Тоа решение е избрано, само поради спасување на клубот од казнените пенали, три години забрана за настап и парична во висина од 150.000 денари.
Во услови кога за прв пат после долго време е покажан интерес од 150 ученици од основните училишта во Велес за тренирање на ракомет во градот од Управата на ГРК „Борец“ повикаа општината да ја прифати колективната оставка и да свика годишно собрание за избор на нов Управен одбор како и за решавање на судбината на ГРК „Борец“ АД Велес./У.Ј