Во сабота на езеро Младост ќе се одржи седмиот традиционален „Пливачки маратон 2020“
10.09.2020
Како финална трка во националниот куп во далечинско пливање, традиционалниот пливачки маратон на езерото Младост ќе се одржи во сабота на 12 септември 2020 година .Тој е седми по ред и негов домаќин е Општина Велес.
-Со почитување на протоколите за заштита, во интерес на континуираниот развој на спортот и годинава ќе го организираме традиционалниот велешки пливачки маратон на езерото Младост.За Велес е од особено значење фактот што и оваа година сме домаќини на финалето на националниот куп што потврдува дека Велешкото езеро Младост прераснува во значајна туристичка, но и спортска и рекреативна атракција“, рече градоначалникот Аце Коцевски.
Тој на денешната прес конференција упати јавна благодарност до Здружението за спорт и рекреација „Клуб 28” од Велес и Националната пливачка федерација за успешната организација како и до спонзорот „Ротари клуб“ – Велес и поддржувачите на маратонот.
Воедно, градоначалникот апелираше до сите заинтересирани посетители на настанот да се придржуваат до мерките за заштита од Ковид 19.
За првпат оваа година на маратонот ќе има млади пливачи под 12 години, а професионалните пливачи ќе пливаат на 2500 метри. Манифестацијата ќе биде организирана во согласност со протоколите на Националната пливачка Федерација.
-Според најавите, на маратонот ќе учествуваат 50 пливачи во професионална конкуренција, 20 млади под 12 години и 20 рекреативци.Ќе се одржат вкупно шест трки, во три категории: 2,5 км – категорија 12-14 години,5 км – категорија А 15-17 години и Категорија Б 18 години и постари. Настанот ќе започне во 10 часот, во близина на ресторанот „Бела вода“. Финалето на македонскиот куп во во далечинско пливање на 2500 метри ќе започне во 11:30 часот. Доделувањето на наградите е најавено во 14 часот, рече Иле Попов, претседател на Здружението за спорт и рекреација „Клуб 28“.
Општина Велес го поддржа пливачкиот маратон со финансиска поддршка во висина од 200.000 денари./У.Ј