По упорноста на фудбалерот Тодоровски конечно натпис „Зоран Паунов“на Градски стадион во Велес
На градскиот стадион „Зоран Паунов“ конечно е испишано името на еден од најдобрите спортисти кој го имал Велес. Кога Советот на Општина Велес ја донесе одлуката овој спортски објект да го носи името на велешанецот и легендарнен голман Зоран Паунов за очекување беше да биде поставен и натпис. И по две години тоа не ќе се случеше ако Диме Тодоровски поранешен фудбалер во големиот фудбал и сега во футсалот, тренер со А лиценца, со ангажман во спортската академија -паралелка фудбал, не се реши сам да ја заврши работата.
За Дума.мк Тодоровски изјави:
-Кога ја започнував фудбалската кариера имав среќа да бидам заедно со Зоран Паунов.Тој ја завршуваше својата успешна кариера а ние млади фудбалери имавме можност да учиме од големиот спортист, голман, капитен но и уште подобар човек.За нас младите беше идол а неговиот збор го впивавме и научивме многу. Респектиран на овие простори,но и во бившата заедничка држава.По прераната негова смрт ја поздравивме идејата и реализацијата на истата за именување на градскиот стадион со неговото име .Иако подолго време се разговараше во спортските клубови да се стави натпис со неговото име,останаа само разговорите.Разочаран сум од неговите ,,блиски” фудбалски пријатели кои освен на маса на дело не се покажаа и да не речам го заборавија. Решив сам да ја завршам работата. Упатувам голема благодарност до неколкумина велешани кои помогнаа иако тие не се спортисти, за да ја заокружиме почитта кон нашиот сограѓанин големиот голман,спортст и човек, рече Тодоровски.
Лазар Лазаровски