ФК Борец со победи ја врати публиката на градски
Победничката инвазија на фудбалскиот клуб „Борец“ ги врати велешани на трибините на градски. Велат се наликува на убавите времиња кога Велес живееше за фудбалот.
„Нормално е да се врати публиката кога победуваат. И јас сакам победи“, вели гледач.
Преку една недела кога клубот е домакин велешани уживаат во неговата игра. А, тука ги има и традиционалните заработувачи. Но, и нови лица кои дошле специјално за фудбалот.
Наместо Вампири, сега се Гемиџии, но исто како и порано навивачките групи макслимално ја подгреваат атмосферата.
„Правевме нови транспаренти, нови бајраци, набавивме многу пиротехника, материјали, народ и тоа е“, вели Ристе Најдов од навивачката група „Гемиџии“.
Поддршката од трибините е пресудна за досегашната добра игра на 28 – мина млади фудбалери, кои раскажуваат дека не ни очекувале тие да бидат оние кои ќе ја вратат публиката на градски.
„Чувството е прекрасно, прв пат играме пред многу публика. Тие на влезната врата напишаа „ФК Борец – гордоста на Велес“ и ние се гордееме со тоа што сме гордоста на градот, но и што имаме можност да играме на теренот и да им заблагодариме за поддршката на нашите навивачи“, вели Никола Пепелашев, фудбалер во ФК Борец.
Пред три месеци фудбалскиот клуб „Борец“ ја започна новата страница од своето 70 годишно постоење. На терен се врати со нов моќен спонзор, нова управа, звучно име за тренер и со надеж за големи успеси. Влезот во втората лига е на дофат, клубот не е поразен сезонава, редеше само победи и еднаш одигра нерешено.
{youtube}http://www.youtube.com/watch?v=OW-faYtYfvI&feature=youtu.be{/youtube}
„До овој момент покажавме напаѓачки фудбал и гол разликата го покажува тоа. Засега важиме за конкурент број еден за да го освоиме првото место во нашата трета лига Југ“, вели Кире Јачев, председател на ФК Борец.
Сепак за да се достигне врвот ќе има многу сопки, но според тренерот надежите се реални ако тимот продолжи исто како до сега но и се зајакне.
„Овој град заслужува да има второлигаш, а зошто да не и прволигаш. Но, на овој клуб за тоа му се потребни засилувања и ако сакаме втора лига сигурно дека ќе ни требаат четири до пет нови играчи, а за понатаму сигурно и повеќе. Но, засега целта ни е втора лига“, вели Кочо Димитровски, тренер на ФК Борец.
Последниот натрпевар против ФК „Кожув“ – Гевгелија овие фудбалери ќе го паметат уште долго. Три илјадната публика беше нивниот дванаесетти играч. На поддршката тие и вратија со прекрасен голпресуден за големата победа во дербито.
