Неготино:Македонија и Ерменија одиграа нерешено, во футсал!
Неготинци синоќа беа домаќини на пријателскиот натпревар помеѓу репрезентациите на Македонија и Ерменија.
Љубителите на фудбал во сала имаа можност да ги бодрат фудбалерите на нашата репрезентација и да уживаат во несекојдневниот спортски настан во градот.
Натпреварот организиран од Фудбалска федерација на Македонија се одржа во салата на СОУ „Св.Кирил и Методиј“. Васко Скендеровски од ФФМ рече дека ова се всушност подготовки за натпреварите кои ја очекуваат македонската репрезентација на крајот на месец март, за обезбедување на бараж за Светското првенство 2014 кое ќе се одржи во Шпанија. Македонските футсал репрезентативци ќе играат во групата со европскиот и вицешампион Шпанија и со четврто пласираната Хрватска од последното Европско првенство.
„Вечерва одигравме доста добро и се надевам дека вака ќе продолжиме. Ова се сепак контролни натпревари и би требало да бидеме задоволни. Илузорно е да очекуваме позитивен резултат во натпреварот против Европскиот првак Шпанија,сепак нашата шанса ја гледаме во натпреварот со екипата на Хрватска. Потребни се две победи ,во групата, за да обезбедиме бараж за Светското првенство 2014“,рече Скендеровски.
Двете репрезентации,вечерва, повторно ќе ги одмерат силите во салата „Форца“ во Скопје. Натпреварот започнува во 18 часот.