Фени индустри победник на турнирот “Димитар Ѓорѓиев“
Заврши петиот меморијален турнир “Димитар Ѓорѓиев“ во Кавадарци.
Екипата на Фени Индустри го освои турнирот откако вечерва избраниците на Миодраг Кадија и полесно од очекуваното го совладаа лидерот во македонскиот кошаркарски шампионат, тимот на Кожув со резултат 88-73.
Почетокот на мечот навести дека Фени Индустри не може да има уште еден очајнички шутерски ден, па уште во воведните минути од мечот македонскиот вицешампион си создаде двоцифрена предност, пред се благодарение на изворедниот Бојан Трајковски кој ги постигна првите девет поени на натпреварот за својот тим. Позитивата од десет поени по првите десет минути игра, 28-18, и најавата за втор едноподруго пораз во рок од седум денови беше причина за нервоза кај тренерот на Кожув, Марјан Србиновски кој на крајно неспортски и некоректен начин реагираше на секоја одлука на судиите, а по првата заслужена техничка грешка ги повика своите играчи да го напуштат финалниот натпревар. Сепак, кратката дискусија не дозволи срамен крај на пријателскиот турнир, па натпреварот продолжи, но со видлива нервоза на теренот, која резултираше со исклучително мал број поени во вториот период, по што на полувреме се замина со резултат 39-35.
Нервозната и напната игра продолжи и по паузата. Кожув за момент го превзеде водството од Фени, но асистенциите на Самарџиев, кои резултираа со поени на Симоновски, Бучуровиќ, Брчков и Соколов го вратија Фени во предност која се движеше во интервалот од 5 до 8 поени, но со тројка од половина терен во последната секунда од третиот период Кожув дојде на само два поени до домаќинот на турнирот, 57-55. И наместо возбудлив финиш, во последните десет минути следуваше вистинска лекција по кошарка од играчите на Фени Индустри кои разиграни од капитенот Самарџиев го полнеа обрачот на гостите, за на крајот да го завршат мечот со убедлива победа од 88-73.
Непочитувањето кон името на првиот претседател на кошаркарскиот клуб Фени Индустри, турнирот и публиката, тренерот Марјан Србиновски ја покажа и по крајот на натпреварот, повлекувајќи ги своите играчи од церемонијалот на врачување на признанија на најдобрите. Но, тоа не беше преголема пречка за славје во Јасмин. Градоначалникот на Општина Кавадарци, господинот Александар Панов ја имаше честта да му го предаде победничкиот пехар на капитенот Горан Самарџиев, додека сосема заслужено признанието за МВП на турнирот заврши кај Бојан Трајковски кој денешниот меч го заврши со 34 постигнати поени.
Ова е четврти триумф на тимот на Фени Индустри на турнирот кој го носи името на првиот претседател на клубот, а единствен тим кој покрај Фени успеал да го освои пехарот „Димитар Ѓорѓиев“ е Торус во 2011 година.