Се распаѓа фудбалскиот стадион во Кавадарци!
Со години е во очајна состојба. Оставен на забот на времето, се распаѓа фудбaлскиот стадион во Кавадарци. Откако минатата зима стадионот остана без дел од јужната ограда, последните обилни дождови однесоа и дел од оградата на спојот помеѓу северната и источната трибина. На оваа позиција најчесто за време на фудбалските натпревари се сместени навивачите од навивачката група „Лозари“.
Најверојатно, причина за рушење на дел од оградата е несоодветниот однос околу заштитата на оградата и целиот стадион во делот на поројницата Смаилица и ерозивното подрачје кое под влијание на обилните дождови создало свлечиште кое со себе повлекло и дел од оградата.
Кавадарчани, кои емотивно и историски се поврзани со стадионот во Градскиот парк, каде со децении е пишувана светлата фудбалска историја на Кавадарци, гласно и јасно барат одговорност за настнатата штета од концесионерот, кој со лошото менаџирање и инвестирање во фудбалскиот комплекс, носи најголема вина за очајната состојба на кавадаречкиот храм на фудбалот.
И навивачите „Лозари“ се разочарани од распаѓањето на стадионот. Бараат брзо делување, за да се спречи натамошното уништување./ A.Д