ФК Борец е првак на Третата лига југ!
Со освоените 75 бода во триесет одиграни натпревари најстариот фудбалски клуб во градот го освои првото место во третата фудбалска лига.
Се оствари желбата на фудбалерите, управата и фановите кои редовно ги полнат трибините на Градски во Велес. Тие еуфорично го прославија добивањето на пехарот и освоеното прво место во оваа лига.
Сега пред екипата стои предизвикот, влез во Втората лига, за што треба да победи во бараж натпревар. Тој ќе се одигра на неутрален терен со една од екипите кои ги освоиле првите места во Третата лига или најслабо пласираниот во Втората лига.
Следниот противник на ФК Борец ќе се знае во четврток напладне кога во просториите на ФФМ во Скопје ќе се одржи ждребувањето.
Она што засега е познато е дека бараж натпреварот ќе се одигра на 12 јуни, годинава додека теренот ќе го одреди ФФМ.
Фото: „Весна“