Управата на ФК Борец бара спонзор за клубот!
На градскиот фудбалски клуб во Велес му треба сериозен финансиер. Влегувањето во Втората лига ќе ги зголеми трошоците за фудбалерите, превозот и утакмиците. Управата на клубот деновиве започна разговори со заинтересирани луѓе кои сакаат да вложат сопствен капитал во клубот.
Претседателот Кире Јачев не крие дека не губат време туку превземаат офанзива со цел да најдат сигурен извор на финансирање на Борец.
– Јас сметам дека спонзор треба да се бара надвор од градот бидејќи знаеме во каква состојба се фирмите кои работат во Велес. Како претседател на фудбалскиот клуб јас водам разговори со еден Македонец во странство, кој не е велешанец, но сепак е заинтересиран за влегување во спортскиот бизнис. Тој има еден услов, да го добие градскиот стадион под концесија од 20 години – рече Јачев.
По заслужениот одмор на фудбалерите ќе треба да се организираат и неопходните подготовки на екипата за што исто така се потребни пари./А.Д