Фудбалскиот терен на градскиот стадион е готов
Фирмата изведувач заврши со работа. УЕФА го рангираше со три ѕвезди. Според спортските работници тоа е доволно на него да се одигруваат натпревари од меѓународен карактер. Но градежните работи не завршуваат тука.
И денеска на објектот имаше работници кои ја уредуваат околината. Локалните власти не се откажуваат од идејата стадионот кога ќе се комплетира да стане репрезентативен објект на градот.
Според проектот предвидено е да се урне целосно ѕидот над големата трибина и на местото кое е покриено со дрвја и грмушки да се изгради парк кој ќе се простира се до Градскиот базен. Се планира да се постави и ограда до железничката пруга и до трибината на стадионот заради заштита и безбедност на граѓаните.
Со стадионот ќе управува Јавното претпријатие „Парк Спорт“, а во меѓувреме општината ќе бара средства со кои ќе се реконструираат атлетската патека и двете постоечки трибини.
Неофицијално, свеченото отворање на фудбалскиот терен ќе се случи во септември годинава и тоа со натпревар на членовите на некоја од македонските репрезентации./Д.С