Ветеранот Ване Рибарски: По Младост, ќе пливам на маратоните Козјак и Дојран
Велешанецот Ване Рибарски беше меѓу многубројните граѓани кои вчера рекреативно пливаа во водите на велешко езеро на првиот пливачки маратон „Велес 2014“. Овој познат македонски кајакар е и добар пливач а неговиот подвиг, од пред неколку години кога во градскиот базен беше организиран пливачки маратон на 2,5 километри а тој учествуваше и победи, е забележан во подвизите на велешките спортисти. Рибарски и вчера покажа дека годините воопшто не се значајни кога спортистот има пред себе цел. Тој на четириесет и три години за околу еден час без проблем ја исплива патеката на два ипол километри во езерото „Младост“.
И веднаш штом излезе од водата соопшти дека во изминатиот месец неуморно пливал и се подготвувал за учество на вчерашниот маратон.
„ Голема благодарност до сите организатори кои го подготвија овој прекрасен маратон. Се надевам дека ќе остане во традиција и ќе се повторува со години. Денеска додека пливав се потсетив и на маратонската трка од пред десетина години кога пливав во градскиот базен во Велес. Тоа чувство не се опишува и навистина ми е драго што тогаш победив. Сега се надевам дека ќе го испливам и маратонот во Козјак и во Дојран. Се ова мислам дека ќе бидат резултати во мојата овогодишна кариера, “ рече Рибарски.
Освен брановите кои во еден момент се јавија на средината на езерото се друго им одеше во прилог на пливачите на вчерашниот маратон во „Младост“.
„ Тоа беше на еден краток дел од патеката. Водата беше извонредна,организацијата перфектна и се тоа дополнително го стимулира пливачот во ваквите трки. Па и мене како ветеран кој нема така лесно да се откаже од намерата да победува,“ рече Рибарски.
Човекот чија професионална љубов е водата во наредните две недели пред себе си постави две конкретни цели да учествува на два маратони, Козјак и Дојран, и да оствари уште подобри резултати. /Д.С