На езеро „Младост“ ќе се одржи третиот Пливачки маратон

Објавено на 25 август, 2016 во 10:34

Оваа година по трет пат во водите на Езерото „Младост” ќе се одржи „Велешкиот пливачки маратон” на кој ќе бидат запазени сите пропозиции за одржување на манифестација од ваков вид.

Градоначалникот Славчо Чадиев смета дека велешкиот пливачки маратон ги обединува во себе спортот, љубовта кон природата, но уште поважно го покажува на дело ентузијазмот на организаторот, ориетираноста на младите кон вистинските вредности и обезбедува директна комуникација меѓу нив.

 

„Велес го има езерото Младост и вложува огромни напори тоа да стане рекреативен центар за љубителите на сите водени спортови, пред се спортскиот риболов и пливањето. Уредувањето на крајбрежјето го наметнува присуството на рекреативци од цела Македонија. Одржувањето на квалитетот на водите на езерото е исто така еден од најзначајните услови за остварувањето на нашите долгорочни планови на оваа извонредна туристичко-рекреативна зона”, рече градоначалникот Чадиев.

Организатори на пливачкиот маратон се членовите на Здружението за спорт и рекреација „Клуб 28“ со поддршка на Општина Велес. Маратонот е веќе традиционална манифестација што е дел од Програмата за спорт на Општина Велес. Зад техничката организација стои професионалниот тим на Пливачката федерација на Македонија. Но во организацијата на вака масовна спортска манифестација беа вклучени и Вардарскиот плански регион, ТППЕ, ЗГ „Вардарска регата“ и кајакарските клубови од Велес.

-„Пропозициите се исти како и претходната година, пливањето е во круг, еден круг изнесува 2.5 километри. Има три категории и тоа 2.5 километри, 5 километри и олимписка дисциплина од 10 километри во машка и женска конкурекција. Во 10 часот е стартот на рекреативниот маратон каде ќе учествуваат 22 пливачи кои не се членови на клубови, додека од 12 часот ќе започне Македонскиот куп во далечинско пливање кој број 25 професионални учесници”, рече Иле Попов, претставник на Здружението за спорт и рекреација „Клуб 28”.

Пливањето на вториот велешки пливачки маратон ќе биде по претходно обележана патека, која овие денови интензивно се подготвува. Настанот ќе се одржи на плажата на „Мотелот на Велешко”, каде за цело време на случувањата ќе се одвива и културно-уметничка програма.

 

 

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.