Центарот на Окинава карате е во Велес
Шеснаесет велешани, секој вторник и четврток цела година, во поливалентниот простор на основното училиште„ Блаже Конески“ ги усовршуваат техниките на Окинава карате До стилот Уечи РЈУ. Тие се почитувачи на традиционалниот карате стил создаден пред многу векови во Кина и пренесен на Окинава, Јапонија, во почетокот на 19-тиот век од Канбун Уечи по кого и го добил името.
Многу се разликува од останатите стилови, вели Боре Видевски. Тој е единствениот сертифициран мајстор инструктор во Македонија за оваа вештина.
– Со правилно вежбање се добива здраво и цврсто тело како и оспособување за ефикасна самоодбрана без оглед на кој пол му припаѓате. Возраста во овој Уечи Рју не игра голема улога , бидејќи можат да го вежбаат деца од 7 години и возрасни луѓе над 50 години.Исто така вреди да се спомне дека оваа стара вештина има голема примена во армиските и полициските специјални сили ширум целиот свет затоа што е создадена за блиска борба, рече мајстор Видевски.
Тој на синоќешниот тренинг на членовите на карате клубот им покажуваше нови вештини. Тие ги увежбуваа во потполна тишина додека во просторот се чувствуваше спокојство и мир.
– Не работам сеуште со деца под четиринаесет годишна возраст. Оваа група ја сочинуваат возрасни каратисти , кои се подготвени освен механика и движење да примат медитации што заедно со учењето на историјата на овој карате стил се особено значајни при полагањето на мајсторските степени пред комисијата што доаѓа од Окинава, рече мајстор Видевски.
Тој е и карате мајстор 5-ти дан за традиционален Шотокан. Сега кога го претпочита Окинава карате До стилот Уечи Рју вели дека веќе одржале неколку официјални семинари под водство на официјалниот инструктор на главната асоцијација Шихан Милан Димитриески 6-ти дан. На семинарите покрај членовите на велешкиот „Окинава“ клуб учество зеле и членови на Клубот за Реален Аикидо “ Рандори“ со нивниот инструктор Љубомир Грданов. Каратистите велат дека она што е најважно за нив е создавањето на комплетно психофизички здрава личност која ќе биде општо корисна за целата околина во која живее и работи.
Карате клубот „Окинава“ е член во главната Окинава карате Асоцијацијата Окикукаи, со седиште во Наха -Окинава и член на Македонската академија за боречки вештини која ги обединува школите во кои се тренираат традиционални боречки вештини .
Велес е одамна познат по интересот на граѓаните за боречки вештини. Досега повеќемина каратисти биле прогласувани за национални, балкански и европски прваци.