Фудбалерките на Борец поразени дома од Младост со 2:3
Промашениот зицер, на десет минути пред крајот на натпреварот, ги чини бод фудбалерките на велешки „Борец“ во натпреварот што го одиграа на домашен терен со екипата на „Младост“ од кочанско Оризари.
Иако натпреварот со помоќната екипа преставуваше предизвик за велешанки и особено резултатот кој го постигнаа во првото полувреме кога водеа со 2:1 сепак во финишот на натпреварот тие немаа доволно сила за да ја задржат гол разликата и да победат.
Тренерот Тоше Нацев вели дека една причина бил и лошиот терен на помошното фудбалко игралиште во градскиот парк.
– Еден дел од теренот беше под вода и навистина беше тешко да се одигра натпреварот. Промашениот зицер на десет минути пред крајот на натпреварот е втора причина за поразот на домашен терен. Задоволен сум од девојките бидејќи тие максимално се вложија во игра со квалитетна екипа. На пролет со нови сили и секако во борба за престижите три места на врвот на табелата на првата македонска женска фудбалска лига, рече Нацев.
На тешкиот и каллив терен двата гола за „Борец“ ги постигна Наташа Лефкова. Без освоени бодови, во последното коло на првата женска фудбалска лига и на крајот од есенскиот дел на првенството , ЖФК „Борец“ се наоѓа на 4-то место. Екипата со 22 бода ја задржаа оваа позиција. Пред велешанки се екипите на „Младост“ од кочанско Оризари, „Тиверија„ од Струмица и лидерот „Кочани“ од Кочани со освоени 30 бодови./А.Д