Бесими – Фрагогианис – Битиќи: Работиме на зголемување на инвестициите со Грција
Зајакнување и унапредување на економската соработка помеѓу РС Македонија и Грција, при што двете страни ќе работат на зголемување на трговската размена, зголемување на инвестициите како и потпишување договори коишто ќе ги подобрат позициите на фирмите, беа темите на коишто се дискутираше на средбата помеѓу вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи и министерот за финансии Фатмир Бесими со заменик-министерот за економска дипломатија на Грција, Костас Фрагогианис, којашто се одржа денеска во Скопје.
На средбата било истакнато дека во услови на пандемија клучно е зголемување на економската соработка со соседните земји, како и преземање заеднички чекори коишто ќе имаат импакт врз создавање услови за забрзан раст на економијата. „Соработката и пријателството меѓу двете земји се зајакнуваат. Се работи на проекти кои се од капитална вредност за двете држави кои ќе донесат квалитет на животот за нашите граѓани кои го заслужуваат“, споделиле соговорниците.
Инаку, трговската размена со Грција годинава бележи раст од 25,4 проценти во однос на минатата година. Годинава во периодот од јануари до јуни трговската размена достигна близу 400 милиони евра.
Додека странските директни инвестиции од 2017 година до сега изнесуваат 89,6 милиони евра.
На средбата се дискутираше и за тековните и идни проекти. Како еден од позначајните проекти беше истакнат проектот за изградба на интерконективниот гасовод од Неготино до границата со Грција, инвестиција која чини 58 милиони евра.
Европската инвестициска банка и Европската банка за обнова и развој изразија интерес за доделување заеми со државна гаранција за финансирање на овој проект. Одборот на директори на Европската инвестициска банка во јули 2021 година одобри финансиски средства во износ од 29 милиони евра за реализација на овој проект. Од ВБИФ се добиени грант средствата за инвестиции во износ од 9,9 милиони евра кои ќе бидат наменети за финансирање на градежните работи и грант средства во износ од 2,7 милиони евра ќе бидат наменети за техничка помош при имплементација на проектот (надзор, управување со проектот), подобрување на комуникацијата и видливоста на проектот, како и за евалуација и ревизија на проектот. Европската банка за обнова и развој прифати да додели заем од околу 19 милиони евра за затворање на финансиската конструкција, соопштуваат од МФ.