Г. г. Стефан од Белград: Му благодариме на Бога што наидовме на братољубиво разбирање и кај патријархот г. Порфиријe
Во храмот „Свети Сава“ во Белград денеска во 9 часот започна литургијата на помирување на Македонската православна црква и Српската православна црква. Македонските владици во Белград беа пречекани со биење на камбани.
Архиепископот охридски и македонски г. г. Стефан во своето обраќање ѝ се заблагодари на СПЦ за тоа што ја поздравила одлуката на Вселенската патријаршија.
– Му благодариме на Бога што, еве, се исполни времето, па наидовме на братољубиво разбирање и кај Неговата Светост, патријархот г. Порфиријe, заедно со членовите на Соборот на Српската православна црква, кои, само по неколку дена од донесениот акт на Синодот на Вселенската патријаршија, раководен од Неговата сесветост патријархот г.г. Вартоломеј и во истиот тој дух, донесоа одлука за воспоставување на евхаристиско и канонско единство помеѓу нашите помесни Цркви, истакна во својот говор архиепископот Стефан.
Поглаварот на МПЦ-ОА додаде дека затоа „му благодариме на семилостивиот Бог, што го чу гласот од молитвите на народот, што ги виде и трпението, и верата, и надежта, и љубовта и нè не лиши од Неговото благоволение.
–Затоа да Му благодариме на семилостивиот Бог, што го чу гласот од молитвите на народот, што ги виде и трпението, и верата, и надежта, и љубовта и нè не лиши од Неговото благоволение. Па, да продолжиме да Го молиме Бога, за Тој, со Неговата сесилна рака, да нè води по патот на богоугодното и човекољубиво служење на верата, за да можеме достојно да ја покажеме силата на љубовта и според Неговата заповед, да веруваме во името на Неговиот Син Исус Христос и да се љубиме еден со друг, како што ни заповедал, кажа г.г. Стефан.