Заврши епидемијата на жолтица во Штип
Епидемиолозите утре ќе го тргнат црвеното знаменце, кое сигнализираше дека Штип е во епидемија на жолтица. Долгиот период помеѓу новозаболените, кои меѓусебе не се поврзани, е доволен доказ дека жолтицата во градот стивнува. Со отповикувањето на епидемијата, Штип повторно се враќа во нормален епидемиолошки колосек.
На почеток епидемиолозите не можеа да го откријат изворот на заразата. Најлогично според нив беше дека жолтицата во градот се шири поради нискиот степен на колективна хигиена.
Препораките дадени уште во август остануват на сила. Акцент задолжително треба да се стави врз образовните институции, затоа што токму децата најчесто заболуваат од хепатит А, појаснува Велик Грков, директор на ЦЈЗ – Штип.
Првите случаи на заболени од жолтица во градот беа регистрирани во јуни годинава, а бројот перманентно се зголемуваше. Заразата се ширеше од неколку населби како Македонка и Шардаванбаши, како и од централното градско подрачје. Во епидемијата заболени беа околу осумдесетина лица.
