Д-р Бајрактаров: Зголемен бројот на граѓани кои бараат стручна помош на Психијатрија, состојбата со ковид-19 една од причините
02.03.2021
Значително се зголеми бројот на граѓани кои бараат помош во нашите амбуланти. Дел од граѓаните имаат потреба од психолошка поддршка поради нивната зголемена вознемиреност, страв, загриженост, напнатост, несигурност и нарушен сон поврзани со семеен член заболен од Ковид-19 или пак непредвидливоста на актуелната ситуација. Главно се работи за различни манифестации на анксиозност или влошување на состојби со кои претходно се соочувале.
Родителите, пак, најчесто се загрижени за зголемена вознемиреност кај нивните деца, проблеми во нивното однесување и имаат потреба од совет за тоа како подобро би можеле да пристапат кон нив, oва го вели директорот на Универзитетската клиника за психијатрија, Стојан Бајрактаров во интервју за МИА.
За да си го олесниме овој период, посочува доктор Бајрактаров, ние често препорачуваме да се следат и да се споделуваат информации од релевантни извори, да се ограничи пристапот до социјалните медиуми кои може да ја зголемат вознемиреноста, да се споделуваат проблемите со блиските и да се обидеме заедно да изнајдеме решенија за некои од проблемите.
– Особено важно е одржувањето на позитивноста, рутината и креативноста во услови на ограничен личен контакт за да си дадеме можност да изнајдеме различни пристапи за нашите проблеми, потенцира д-р Бајрактаров.
Колку граѓани досега побарале помош на телефоните за психолошка поддршка на Клиниката за психијатрија?
Телефонските линии за психолошка поддршка кои ги отвори Универзитетската клиника за психијатрија беа многу зафатени во почетокот на пандемијата, како и во текот на есенскиот бран. Во последниот период е намален бројот на јавувања, но значително се зголеми бројот на лицата кои бараат помош во нашите амбуланти. Вкупно досега имаше околу 5000 јавувања на овие линии.
Добиваме повици од голем број граѓани кои имаат потреба од информации за различен тип услуги од здравствена, социјална и правна дејност. Засега се ретки повиците поврзани со претстојната вакцинација, но секако сме тука доколку некој граѓанин чувствува вознемиреност за периодот што следува. Сепак, доколку не се работи за потреба од поддршка поврзана со влошено ментално здравје, нашиот пристап е да ги упатиме граѓаните до соодветните институции кои би можеле да им бидат од помош.
Помина подолг период од кога ситуацијата со Ковид-19 го промени секојдневието на повеќето од нас. Во зависност од претходните животни искуства и комплексноста на ситуацијата во која се наоѓаат одредени поединци и нивните семејства, луѓето може имаа различни реакции во месеците кои изминаа. Некои успеваат да се потпрат на нивната сила и да се соочат со промените со полесни потешкотии, но сепак, некои имаат потреба од дополнителна поддршка за да се приспособат со одредени искуства.
За да си го олесниме овој период, ние често препорачуваме да се следат и да се споделуваат информации од релевантни извори, да се ограничи пристапот до социјалните медиуми кои може да ја зголемат вознемиреноста, да се споделуваат проблемите со блиските и да се обидеме заедно да изнајдеме решенија за некои од проблемите. Особено важно е одржувањето на позитивноста, рутината и креативноста во услови на ограничен личен контакт за да си дадеме можност да изнајдеме различни пристапи за нашите проблеми.