Правила кои ќе важат за време на полициски час
10.03.2021
Забраната за движење започнува во 22:00 и ќе трае до 05:00 часот наутро. Владата вчера донесе одлука да се воведе полициски час кој ќе трае до 22 март на територија на целата држава.
Владата соопшти и кои се правилата и исклучоците од полицискиот час:
Аптеки – бројот на дежурни аптеки ќе се ограничи. Во полицискиот час ќе дежураат само аптеките кои се локациски поврзани со болниците и амбулантите. Во време на полицискиот час пристап во аптеките ќе имаат само оние граѓани кои ќе приложат доказ дека извршиле медицински преглед.
Фабрики – директорите и управителите на погоните и фабриките мораат да го прилагодат своето работното време и производство согласно забраната за движење во полицискиот час.
Покрај рестрикциите кои важат за полицискиот час, Владата донесе одлука и трговските субјекти, аптеките и јавните установи чии услуги ги користат граѓаните. Обврската која им ја наметна Владата на нив е да се ограничи бројот на граѓани внатре согласно големината на објектот односно во исто време ќе смеат да влезат само онолку граѓани колку што има каси или шалтери внатре.
Ќе важат старите дозволи
За сите останати, важат истите правила како и при полицискиот час минатата година. За вработените кои се на работа во време на полициски час, од Владата соопштија дека ќе важат старите дозволи издадени од фирмите и од Министерството за информатичко општество и администрација.
„Со заклучок на оваа седница на Владата, МИОА е задолжено да објави соопштение со кое ги известува граѓаните и економските оператори дека се обновува важноста на веќе издадените дозволи издадени за време на претходните одлуки за забрана за движење. Министерството за информатичко општество и администрација ќе им ги преиздаде решенијата на оние кои во меѓувреме ги загубиле дозволите, како и на оние кои имаат дополнителни барања за дозволи за движење врз основа на доказ за неопходноста на тоа барање“, велат од Владата.