Полицискиот час не треба да важи за камионџиите
10.03.2021
Транпортерите веќе испратиле писмо до надлежните институции како превентива да бидат изземени од евентуалниот нов полициски час. Забраната за движење не смее да важи за професионалните возачи, бидејќи тие немаат дефинирано работно време, објаснуваат за „Слободен печат“ од Макам – транс, пишува Слободен печат.
-Ние не работиме од 8 до 16 часот, а нашето работно време зависи од времето на утовар или истовар, па затоа ги известивме институциите да го имаат тоа во предвид. Ова го направивме со цел да не ни се повторат ланските слики, кога одредени возачи беа дури и приведувани од полицијата, бидејќи секое задржување надвор од времето на полицискиот час е прекршување на законот. Возачите сега излегуваат во рани зори за да бидат навреме на граница, бидејќи знаете дека секој влез во Грција е со закажување и тоа неколку дена однапред откако се воведе ограничувањето за 60 камиони дневно. Исто така треба да се има предвид и дека транпортерите немаат одредено време и при враќањето во државата. Покрај тоа не се знае кога ќе завршат со царинење, така што и при враќање дома, може да бидат запрени од полицијата – објаснува Биљана Муратовска од Макам – транс.
Извор: Слободен печат